Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против новинарот на Инфомакс Александар Митовски за кривично дело Оддавање службена тајна за објавената страница од записник за примање кривична пријава во Обвинителството за организиран криминал и корупција за случајот „Рекет“.
„Обвинетиот на 23 август, преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна. Имено, тој ја објавил првата страница од записник за примање кривична пријава од едно лице заведен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Обвинителството го поднесе обвинението до Основниот кривичен суд Скопје откако по објавата на записникот на споменатиот интернет портал беа направени потребните проверки и беа обезбедени материјалните докази за наведеното кривично дело, согласно Законот за кривична постапка“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.
Оттаму додаваат дека ќе поведат кривична постапка доколку утврдат кое лице го предало записникот на новинарот.
„Во поглед на околностите на кој начин овој записник е излезен од списите на предметот и како е предаден на обвинетиот новинар за да биде објавен, обвинителството ќе поведе кривична постапка доколку утврди кое лице го предало и за тоа обезбеди докази“, велат од ОЈО Скопје.
Порталот Инфомакс на 23 август објави скениран документ насловен „Записник за примање кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со датум 2 мај 2019“ и според портолот станува збор за првичната пријава на бизнисменот Орце Камчев за рекетирањето од Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски- Кичеец.