Германскиот Бундестаг даде зелено светло за почеток на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската унија, објави „Дојче Веле“. „За“ гласаа големо мнозинство од пратениците, кои ја поддржаа и резолуцијата за почеток на преговори со Албанија.
Дебатата во Бундестагот траеше половна час и пратениците од владејачките ЦДУ и СПД изразија поддршка за реформските напори на земјата и неколку пати го споменаа Договорот од Преспа како големо достигнување за целиот регион.
Во делот за Северна Македонија, владејачката коалиција бара да се гарантира дека реформскиот курс и заокружувањето на потребните реформи ќе бидат одржани. Се додава дека Северна Македонија мора да преземе дополнителни напори за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, особено во делот на владеењето на правото, ефикасноста на Специјалното јавно обвинителство, борбата против корупцијата и организираниот криминал и засилување на институциите за заштита и подобрување на човековите права.
Одлуката за определување датум за почеток на преговорите за членство со ЕУ треба да ја донесе Европскиот совет на 17-18 октомври.