Народниот правобранител денеска апелираше неодложно да се преземат мерки за сместување на семејствата кои останале под ведро небо и без никаква заштита, откако на стотина граѓани од ромска заедница утрово багери им ги урнале импровизираните домови под Кале до реката Вардар во Скопје. Омбудсманот бара Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје и Министерството за труд и социјална политика итно да преземат мерки за соодветно сместување и обезбедување услови за егзистенција на овие семејства.
„Неприфатливо е да спроведуваат акции од ваков тип кои не се хумани и без претходна координација со надлежните органи за обезбедување на место каде ќе се сместат семејствата чии домови треба да се урнат, макар тоа било и импровизирани објекти. Неспорно е дека објектите во кои живееле со години се импровизирани, но исто така неспорно е дека ниту еден орган во овој повеќегодишен период не се заложил проблемот да го реши со соодветно домување на овие семејства, туку тие се оставени буквално надвор, без каков било покрив над главата. Меѓу нив има жени, деца, што укажува дека целта на акцијата била уривање, без да се води сметка што понатаму со членовите на семејставата, и каде тие ќе продолжат да живеат“, вели Народниот правобранител Иџет Мемети и додава:
„За секаква осуда е тоа што децата, жените, па и старите лица на овие температури се оставени надвор. Со ваквите нехумани постапки надлежните органи ја заборавиле обврската да водат сметка за најдобриот интерес на детето, што во случајот сигурно не е воопшто земено во предвид“.
Народниот правобранител потсетува и дека Македонија со донесување на Националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите и потпишувањето на процесот Декада на Ромите се обврза да ја подобри состојбата со домувањето на припадниците на ромската заедница, „а тоа значи дека мерките и активностите треба да се насочени кон позитивни промени, односно решенија, а не рушење и оставање на семејствата да се снајдат како што самите знаат и умеат, како што е направено во конкретниот случај“.