Жешкото јулско сонце немилосрдно пече дури и на овие високи предели во тетовска Шипковица. Но Зумер Ахмети тоа и не го забележува. Тој заедно со брат му Џевџет и со помош на соседите и пријателите забрзано работат на поткровјето на својата нова куќа. Се носат даски, греди, се мери, се сече, се цементира. Лани, неговата куќа во која живееше со семејството, како и поголем број други куќи беше целосно оштетена во катастрофалната поплава која ја зафати Шипковица. Зумер се надева дека до есен ќе успее да ја догради куќата и да се всели во неа.
“Навистина повеќе не можевме да ги чекаме ни државата, ниту Општината да нѝ ја дадат ветената помош за причинетата штета од поплавата. Затоа со брат ми Џевџет, со соседите, пријателите, со помош од роднини и пријатели од странство сами почнавме да ја градиме куќата од темел. Ние сме пет члено семејство, од кои едно дете е со посебни потреби, и сега живееме под кирија, но со помош на овие добри луѓе јас мислам дека за месец-два конечно ќе добијам свој покрив над главата. Слушнав дека деновиве некои мои соселани добиле нешто пари од ветената помош. Јас не сум проверил и не знам колку сум добил. Да ја завршам овде работата па ќе проверам,“ вели Зумер.
Лани на трети август попладнето, силно невреме го зафати полошкиот регон. Природата својот разурнувачки гнев најмногу го истури во Шипковица и во тетовските населби Мала и Голема Речица. Надојдените води со огромна жестина јурнаа по тесните сокаци на Шипковица носејќи со себе огромни камења, песок и кал. Најголамиот удар го претрпеа куќите на браќата Зумер и Африм Ахмети и нивните соседи. Во таа природна катастрофа надојдената вода ги однесе животите на две малолетни деца на Африм, петгодишната Рина и двегодишниот Ритан, а третото негово дете и сопругата едвај успеале да се спасат.
Деновиве, на сметките на дел од жителите од Шипковица конечно почнале да пристигаат парите за штетите предизвикани од минатогодишната поплава, кои беа проценети од посебна комисија. Но веднаш доаѓаат и реакции за висината на исплатените штети.
Веднаш над куќата на Зумер е неговиот сосед Енвер Ахмети. Тој деновиве на сметка добил пари според направената проценка од комисијата за утврдување на штетата но е крајно незадоволен од износот.
“Мене ми беше целосно поплавен првиот кат од куќата и внатре беше сѐ уништено и опрема и мебел, сѐ, и што добив оштета – само 600 евра. Па ни прозорци не можам да купам со тие пари, а не нешто повеќе“, револтирано вели Енвер.
Азби Шаини, првиот сосед на Зумер чија куќа исто така беше тешко оштетена, имаше малку повеќе среќа па за Бајрам се всели во новоизградена куќа која му е донација од една организација од Швајцарија.
“Куќата ми е донација на една група од Швајцарија и ја направив на местото каде беше куќата од брат ми, бидејќи мојата беше веднаш до јазот кој ни ја направи целата штета. Тој ми го продаде местото. Во поплавата загина неговата четиринаесетгодишна внука Аниса. Тој трагичен настан остави длабока рана во неговата душа и затоа веќе не сака да живее во Шипковица“ раскажува Азби Шаини. Тој на име на оштета добил 14.300 евра и со тие пари планира да ја малтериса куќата.
ЈАЗОТ НИЗ ШИПКОВИЦА ОСТАНА НЕСАНИРАН
Шипковчани исто така се незадоволни од тоа што ништо не е направено за отстранување на опасноста од некоја друга ваква катастрофа. Јазот кој тече низ селото и кој минатата година ја предизвика сета оваа катастрофа и понатаму стои несаниран. Веднаш по поплавата беше најавувано дека тој ќе се уреди, дека ќе се направи корито за да се избегнат евентуални нови поплави, но од тоа ништо не е направено.
Неколку километри под Шипковица е Мала Речица. И овде, како што велат жителите а и како што може да се види, малку нешто е направено. Неколку месеци се гради улицата која Мала Речица ја поврзува со главниот пат кон Тетово, додека улицата над неа, која за времето на поплавата беше најоштетена, сѐ уште е во катастрофална состојба, полна е со дупки, со оштетен асфалт и со камења и песок. А и незадоволството на жителите од добиената парична помош овде е уште поголемо.
“Верувале или не, ама мене ми исплатија помош во висина од 1.000 денари. Да не ти се верува, само илјада денари, а водата ми ја уништи целата работилница сосе опрема, алат и машини. Имав штета и во куќата. Беа некои комисии, гледаа, пишуваа и на крајот ништо. Според мене, имав најмалку 3.000 евра штета, а добив 1.000 денари. Срамота. Отидов во Општина Тетово но ништо не ми кажуваат зошто ми е дадено толку малу пари, барав средба и со секретарот и со градоначалничката Теута Арифи, но никој не ме прими. Во ова маало има луѓе што во поплавата немаа никаква штета, но по некој начин добиле големи суми пари“ револтирано вели Ибраим Османи од Мала Речица, кого го затекнавме како работи во малата импровизирана работилница веднаш до неговата куќа.
Неговиот брат Шабан Османи ни покажува една куќа и вели: “Ене, гледај, куќата колку е високо на ридот, немаше ама никаква штета од поплавата, но зеле десетина илјади евра оштета. А ние што навистина претрпевме големи штети ништо не зедовме. А вакви случаи има уште во Мала Речица. Некој зел, некој не зел, некој земал многу, некој ептен малку. Мене ми исплатија околу 55.000 денари но тоа ми покрива само околу 20 отсто од штетата. На мојот сосед Зуќуфли Имари водата му ја однесе гаражата и колата и му причини други штети, а доби само 10.000 денари“.
Во неговото маало од страна на Општина Тетово е направена само една улица со бекатон плочки, а Расадничка Река, која ја предизвика поплавата , во еден мал дел е регулирана во бетонски цевки. Друго, како што велат жителите на ова маало од Мала Речица, ништо не е направено. Не се тргнати дури ни огромните карпи кои водата тогаш ги донесе од планината. На висината на добиената оштета од поплавите се жалеа и повеќе сопственици на работилници кои беа поплавени и им беше причинета голема штета.
Во повеќе наврати се обидовме од Општина Тетово да добиеме официјална информација за тоа на колку лица и за колку објекти погодени од минатогодишната поплава е исплатена помош. Иако од службата за контакт со јавноста на Општина Тетово ни беше најавено дека Општината набрзо ќе излезе со официјални податоци, тоа не се случи.
текст и фотографија: Зоран Андонов