Кардиохируршки операции кај деца се прават во двете приватни болници со кои Фондот за здравство има постоечки договори, рече министерот за здравство Венко Филипче, откако опозицијата обвини дека нема детска кардиохирургија и дека дел од тимот лекари од Детска хирургија кои заминаа во приватната болница на Жан Митрев сакаат да се вратат назад во јавното здравство, но дека не може тоа да го направат.
„Сите доктори и медицински сестри заминаа на свое барање. Јавниот сектор е отворен и секој кој сака да се врати, и тимот и хирурзите, има отворени врати“, рече Филипче.
Тој кажа дека интервенциите сега се прават таму каде има експертиза, согласно договорот на Фондот за здравство со двете приватни болници.
„Сметам дека исклучително добро е иднината на нашиот здравствен систем во искористување на такви модели во приватни болници“, рече Филипче.
На прашањето кој ги оперира децата сега во овие две болници и дали е обезбедена стручна помош од странство, рече дека се ангажирани хирурзи од Србија и Бугарија и нема никаков проблем од стручен аспект.
Е. БОЧВАРОСКА