Државниот секретар на САД Мајк Помпео ги предупреди граѓаните на Северна Македонија да внимаваат на руското влијание и на кинеската технологија. Тој во Охрид, каде што се сретна со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев најави дека Сенатот на САД оваа есен ќе го одобри Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО „со што и формално ќе ви посакаме добредојде во Алијансата“.
„Срцата и умовите на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат државата напред, а не руските ботови на социјалните медиуми. Би сакал да ве предупредам и за учеството на Кина во полето на чувствителните технологии и нивната стратегија на подмитување при обезбедувањето на зделките“, изјави Помпео.
Тој ги поздрави Договорот од Преспа и Спогодбата за добрососедство со Бугарија и рече дека мора да продолжи борбата против корупцијата и напорите да се спроведува владеење на правото.
„Како водечка демократија во светот САД ги поддржуваат државите кои се борат за владеење на правото, а борбата против корупцијата е од клучна важност како за членството во НАТО и ЕУ, така и за вашите граѓани“, рече тој.