ВЕЛЕШКА „МАСЛОДАЈНА“ КАЗНЕТА СО 100.000 ЕВРА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЈ ИЗГОРЕА 400 ТОНИ ПЕЛЕТИ

    ВЕЛЕШКА „МАСЛОДАЈНА“ КАЗНЕТА СО 100.000 ЕВРА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЈ ИЗГОРЕА 400 ТОНИ ПЕЛЕТИПожарот кој избувна на 27 септември е оценет како прекршок од највисока, трета категорија (Фото: СДК.МК)

    Општина Велес, преку надлежната инспекција за животна средина, ја казни „Маслодајна“ со 100.000 евра за пожарот од 27 септември, информираа локалните власти. Казната е висока оти е квалификувана како највисока, од трета категорија. Критичниот ден во еден од силосите дошло до самозапалување на пелетите од сончоглед, увезени од Бугарија.

    „Од страна на овластениот инспектор за животна средина на Општина Велес, во врска со спроведената инспекциска постапка во ПИ ‘Благој Ѓорев АД Велес‘ по пожарот во силосот за пелети, е констатиран прекршок од трета категорија, за кој е предвидена казна од 100.000 евра за правното лице и 30% од одмерената казна за одговорното лице“, информираа од Општина Велес.

    За овој вид прекршок, согласно Законот за животната средина, е предвидено спроведување на постапка за спогодување, која се води пред Комисијата за спогодување во Министерството за животна средина и просторно планирање. Одговорните лица од „Маслодајна“ го известиле инспекторот дека се согласни за спроведување на постапка за спогодување.

    Самозапалувањето на пелетите и техничката неисправност на сондата, која ја мери температурата во внатрешноста, се причините за пожарот во кој изгореа 400 тони пелети, утврди надлежниот општински инспектор за животна средина.

    „Маслодајна“ и натаму нема Б-интегрирана еколошка дозвола, која е во постапка од 2013, но има дозвола за усогласување. Најголемата пречка за недобивањето Б-дозвола биле трите котли, два на мазут, еден на пелети.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира