Премиерот Зоран Заев вели дека останува оптимист дека земјата ќе добие датум за почнување преговори со Европската Унија и дека Франција не е против нашиот влез, туку дека принципиелно бара промена на методологијата за преговарање.
„Очекувам да се разговара за точките на дневен ред на Европскиот совет како што е проширувањето на Европската унија со Северна Македонија. Верувам дека градејќи ги сите точки и агенди на дневниот ред ќе се дојде до заеднички заклучоци и дека ќе преовлада одговорноста од Европската Унија и од Европскиот Совет и дека ќе биде донесена долго очекуваната одлука за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање како ќе ја коментира вчерашната средба на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел на која Македонија воопшто не била спомната.
Тој вели дека средбата била меѓу двајца лидери, а дека унијата има 28 членки и дека утре кога ќе почне состанокот на Советот на министри на ЕУ ќе има поконкретни информации, и дека има и други прашања за кои треба да расправа Унијата како што се Брегзит и годишниот буџет. Тој рече дека верува дека до крајот на неделата ќе биде донесена одлуката.
„Останувам оптимист, бидејќи сметам дека ги имаме сите аргументи на Светот да добиеме датум за отпочнување на преговори“, рече Заев.
Околу барањето на Франција да се промени начинот на преговарање со земјите кандидатки, Заев смета дека во рамки на Унијата може да се води оваа дебата, а Македонија да почне со преговорите бидејќи тие два процеси се комплементарни.
„Франција не е против нас, има многу легитимна намера да вгради нова методологија која ќе даде можност сите капацитети да се движат уште посилно и посериозно со реверзибилна метода, ако не успеат ги враќа назад. На пример трето поглавје слобода на медиуми успеете да го затворите во првата година или две, преговарајќи во четвртата или петата ако ги нарушите слободите на медиумите ве враќа назад, тоа е што ми го објаснија. Така што општествата кои преговараат, земјите кандидати кои преговараат треба да имаат одржливи постигнати поглавја, заокружени политики, кои ќе значат и трајни трансформации на општеството, тоа е дебатата која што се води“, рече Заев.
На прашањето што доколку сепак земјата не ги почне преговорите со ЕУ, Заев рече: „Не сакам ни да размислувам. Петнаесет години чекаме. Донесовме крупни одлуки, реформите се сами по себе многу значајни, и се сто процентно потврдени со извештајот. ЕУ не смее да го казни најдобриот пример, бидејќи тоа е важно и за Европската Унија, и за регионот за следното мотивирање на лидери за реформирање на своите општества“, рече Заев.
Е.БОЧВАРОСКА