„ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ УТРЕ ПРЕМИЕРНО НА РИМСКИОТ ФЕСТИВАЛ, ЗАЕДНО СО ОСКАРОВЦИТЕ СКОРСЕЗЕ И ХАУАРД

    „ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ УТРЕ ПРЕМИЕРНО НА РИМСКИОТ ФЕСТИВАЛ, ЗАЕДНО СО ОСКАРОВЦИТЕ СКОРСЕЗЕ И ХАУАРДНајавувајќи ја програмата, уметничкиот директор на фестивалот Антонио Монда за филмот на Манчевски рече дека е „прекрасен“. - Сара Климоска во сцена од филмот. (Фото: Продукција „Врба“)

    „Врба“, шестиот долгометражен филм на најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски,  утревечер ќе има светска премиера на 14. Филмски фестивал во Рим, Италија. Во официјалната програма на фестивалот кој почна вчера се селектирани 33 филмови од 25 земји од светот, меѓу кои и „Врба“. Најавувајќи ја програмата, уметничкиот директор на фестивалот Антонио Монда за филмот на Манчевски рече дека е „прекрасен“.

    „‘Врба‘ го означува враќањето во форма, големата форма на Милчо Манчевски, на кого се сеќаваме по ‘Пред дождот‘ кој ја освои Венеција. Ова е уште еден прекрасен филм“, рече Монда, кој кажа дека годинашното 14. издание на фестивалот е во знакот на жената: елегантен и стамен.

    Овие поими реферираат и на „Врба“, кој говори за мајчинство, љубов и доверба.

    Филмот по сценарио на Манчевски се снимаше лани од 25 октомври близу прилепското село Крушевица, снимаа и во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, во Преспа, а завршија во Скопје во првата половина на декември. (Фото: Продукција „Врба“)

    Првиот фестивалски ден за „Врба“ во Рим ќе почне со утринска проекција за новинарите, следи прес-конференција со режисерот Манчевски и македонските актерки Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски, а вечерта е гала премиерата со црвениот килим. На 1.300 квадратни метри е поставен е најголемиот и најдолг црвен килим во светот, кој води од главната авенија до фестивалските збиднувања во Аудиториумот Парко дела Музика дизајниран од Ренцо Пијано. На премиерата ќе присуствува и министерот за култура Хусни Исмаили.

    Фестивалот вчера го отвори новиот филм на актерот и режисер Едвард Нортон „Бруклин без мајка“ во кој играат Брус Вилис, Алек Болдвин и Вилем Дефо. Во селекцијата се и оскаровците како Мартин Скорсезе со „Ирецот“ во кој играат Ал Пачино, Роберт де Ниро, Џо Пеши,  и Рон Хауард со филмот за Павароти. Ќе играат и „Џуди“ со Рене Зелвегер во режија на Руперт Голд, филмот „Даутаун Еби“ со Џим Картер и Елизабет Мекговерн, „Измамничките од Волстрит“ со Џенифер Лопез.

    „Дамите се во центарот на вниманието на годинашниот Римски фестивал, со 12 филмови од режисерки“, изјави Монда.

    Ќе биде претставен новиот филм на италијанската режисерка Кристина Коменчини „Враќање“ со кој се затвора фестивалот, „Твоите мајка и татко“ на холандската режисерка Клартје Квиринс, „Давење“ на актерката и режисерка Мелора Волтерс, каде покрај неа игра и Мира Сорвино, Фелисити Џонс во филмот „Аеронаути“, Катрин Денев во „Среќен роденден“, Кристин Скот Томас во „Воени жени“.

    Наталија Теодосиевска во сцена од филмот (Фото: Продукција „Врба“)

    На црвениот килим ќе дојдат и Џон Траволта, Итан Коен, Бенисио Дел Торо, а на актерите Вајола Дејвис и Бил Мареј ќе им бидат врачени награди за животно дело. Во Рим ќе дојдат и едни од најзначајните современи филмски режисери како Јапонецот Хироказу Коре-еда и Французите Бертран Таверние и Оливие Асајас.

    Специфично за Филмскиот фестивал во Рим е тоа што тој е повеќе од фестивал – тоа е голем културен настан, каде публиката има можност за директен разговор со најголемите режисери, актери и писатели. Исто така, паралелно со фестивалот има и голем филмски маркет за пласман на филмовите и склучување нови проекти.

    Во филмот на Манчевски игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ. Музиката е на Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира