НИШТО НЕ Е СЛУЧАЈНО, ВЕЛИ ПЕПИ МИРЧЕВСКИ КОЈ ЛАНИ ГИ СПОРЕДИ ФИЛМОВИТЕ НА МАНЧЕВСКИ И СКОРСЕЗЕ, А СЕГА СЕ ЗАЕДНО СО ПРЕМИЕРИ НА РИМСКИОТ ФЕСТИВАЛ

    НИШТО НЕ Е СЛУЧАЈНО, ВЕЛИ ПЕПИ МИРЧЕВСКИ КОЈ ЛАНИ ГИ СПОРЕДИ ФИЛМОВИТЕ НА МАНЧЕВСКИ И СКОРСЕЗЕ, А СЕГА СЕ ЗАЕДНО СО ПРЕМИЕРИ НА РИМСКИОТ ФЕСТИВАЛ„Милчо ми рече ако може Скорсезе да го има Де Ниро зошто да не можам да те имам тебе во сите филмови“; - Петар Мирчевски во „Врба“ по петти пат игра филм на Милчо Манчевски. (Фото: К. Попов)

    „Со Милчо сме како Мартин Скорсезе и Роберт де Ниро. Ако не му е срам, нека не ме земе во следниот филм“, рече лани на шега битолскиот актер Петар Мирчевски на снимањето на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски во Скопје. Една година подоцна, се покажа дека „Врба“ ќе има светска премиера на 19 октомври на 14. Филмски фестивал во Рим, во официјалната селекција заедно со новиот филм на Скорсезе „Ирецот“ во кој игра Роберт де Ниро.

    Доајенот Мирчевски, кој е годинашниот лауреат на државната награда „11 Октомври“ за животно дело, во „Врба“ го игра ликот на Ставре Дувниветровски, со што ова му беше петта соработка со најнаградуваниот македонски режисер Манчевски.

    „Ова покажува дека ништо не е случајно. Милчо ми рече ако може Скорсезе да го има Де Ниро зошто да не можам да те имам тебе во сите филмови“, вели Мирчевски за „САКАМДАКАЖАМ.МК“ смеејќи се, откако коцките од мозаикот се наредија според прогозата што ја даде лани.

    „Со Милчо сме како Мартин Скорсезе и Роберт де Ниро. Ако не му е срам, нека не ме земе во следниот филм“, рече Мирчевски лани на снимањето на „Врба“. (Фото: К. Попов)

    Додава дека филмот „Врба“ е многу квалитетен и заслужено се најде на Римскиот фестивал, кој е најмладиот меѓу најелитните 5-6 фестивали во светот и каде свои светски премиери досега имале многу оскаровци.

    Мирчевски играше во сите филмови што Манчевски ги има снимено во Македонија, од „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“. Тој не играше само во неговиот петти филм „Бикини Мун“, американско-германска копродукција без учество на Македонија, кој беше снимен во Њујорк.

    Доајенот Петар Мирчевски е годинашниот лауреат на државната награда „11 Октомври“ за животно дело. (Фото: СДК.МК)

    Во „Врба“ се прикажани три испреплетени приказни за љубов и доверба – едната од македонското средновековие, другите современи – се огледуваат и се во контраст една со друга. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа.

    Македонскиот актерски доајен Петар Мирчевски имаше несекојдневно, но и доста пријатно искуство да игра во ист филм и со италијанската ѕвезда Моника Белучи во „На млечниот пат“ на босанскиот автор Емир Кустурица. Како спомен зачува и фотографија на која е слика заедно со Белучи.

    Во блескавата актерска кариера од над 40 години, одиграл над 170 тетарски ликови и над 40 филмови.

    „Можеби сум и олдтајмер сега. Но, генерално ги подучувам помладите околу ставот за глумата, дека во она што го работиш треба да веруваш. Дека ништо не доаѓа без работа, туку со труд. Ако веруваш во тоа што го работиш признанието ќе дојде, ако не сега покасно. Не треба да се разочаруваш ако тоа веднаш не излезе на површина. Со лакташење и врски некој може да добие само шанса но ќе се види дека не е тоа тоа. Тоа нема долг век на траење“, вели Мирчевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари