СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА „ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ НА 19 ОКТОМВРИ НА РИМСКИОТ ФЕСТИВАЛ

    СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА „ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ НА 19 ОКТОМВРИ НА РИМСКИОТ ФЕСТИВАЛ„Врба“ е прв македонски филм во официјална селекција на фестивалот, годинава меѓу 30-ната филмови кои ќе се прикажат се и новиот филм на култниот Мартин Скорсезе „Ирецот“. - Режисерот Манчевски најави дека наскоро ќе се случи и македонската премиера (Фото: СДК.МК )

    „Врба“, шестиот долгометражен филм на најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски, ќе има светска премиера на 19 октомври на 14. Филмски фестивал во Рим кој ќе се одржува од 17 до 27 октомври. Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија вели дека „Врба“ освојува нова територија за домашната кинематографија како прв македонски филм во официјална селекција на фестивалот, а годинава меѓу 30-ната филмови кои ќе се прикажат се и новиот филм на култниот Мартин Скорсезе „Ирецот“, како и филмот што го режира Едвард Нортон.

    „Филмот ‘Врба’ на Манчевски е континуитет на една успешна приказна која на нашата земја ѝ го донесе најголемиот успех. Милчо е македонскиот ‘билборд’ во светот. Самиот факт што филмот е селектиран на еден ваков престижен фестивал е одличен доказ за тоа. Јас, како директор на Агенцијата, имам трема што сме во иста селекција со Мартин Скорсезе“, рече Тозија на денешната прес-конференција, која се одржуваше во исто време со прес-конференцијата во Рим на која се објавуваше програмата.

    Постерот е дело на графичкиот дизајнер Дејв Меккин, којги работел плакатите за сите филмови на Манчевски, освен на „Пред дождот“./ Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија и режисерот Манчевски на денешната прес-конференција (Фото: СДК.МК)

    Римскиот фестивал е најмладиот меѓу најелитните 5-6 фестивали во светот, каде свои светски премиери досега имале многу оскаровци. Како и Торонто, и Рим нема награди. Силната селекција на фестивалот во Рим изминативе години е индикатор за идни оскаровци. Во Рим ќе дојдат и актерот Бил Мареј, кој ќе добие награда за животно дело што ќе му ја врачи режисерот Вес Андерсон, иста таква награда ќе добие и оскаровката Вајола Дејвис, а ќе дојдат и некои од најзначајните современи филмски режисери како Јапонецот Хироказу Коре-еда и Французите Бертран Таверние и Оливие Асајас.

    Рим се издвојува со моќен црвен ќилим, еден од најмоќните во фестивалскиот свет – најголемите холивудски ѕвезди се редовни гости на фестивалот, каде ги презентираат филмовите, а случувањата на фестивалот се проследени со големо медиумско внимание и во Италија и низ светските медиуми. Гламурот го потенцира и спектакуларната фестивалска палата, дело на легендарниот архитект Ренцо Пиано.

    Сара Климоска во сцена од „Врба“. (Фото: Продукција на „Врба“)

    Продуцентот Јане Ќортошев е задоволен што добиле одличен термин, во сабота навечер, рамо до рамо со светските ѕвезди.

    „Беше навистина сложено да се координираат сите земји копродуценти во филмот, но од друга страна и огромен предизвик. Филмот успеавме да го снимиме дури неколку денови пред предвиденото, тоа е адут дека се работеше крајно професионално и во тивка и беспрекорна атмосфера. Среќни сме што достоинствено ќе можеме земјава да ја претставиме пред светот на претстојниот Филмски фестивал во Рим, Италија“, рече продуцентот Ќортошев.

    Манчевски после десет години сними македонски филм, по „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, а во меѓувреме во Њујорк ги режираше „Бикини Мун“ и краткиот „Четврток“, а во Куба краткиот „Крајот на времето“.

    Режисерот вели дека овој пат било убаво да се работи дома.

    „Сакав да работам во Македонија и како што беше случај со ‘Пред дождот’ и ‘Прашина’ кога главните финансии, главната поддршка морав да ги организрам по светот, па потоа да ги донесам дома. Во овој случај, ја имав организационата поддршка од продукцијата, од Јане Ќортошев и од Агенцијата, каква што никогаш не сум имал досега. После толку многу години искуство, да имаш една таква инфраструктура во која можеш комотно да работиш е прекрасно. Задоволството е исто толку убаво како задоволството што го имаш од завршенииот филм. Исто, беше голема мерак да се работи со еден великан како што е Ник Пауел, кој ми помогна да ја собереме меѓународната екипа и беше клучен во организацијата, не само на финансисксиот и продукуцкиот дел, туку и во пласманот“, рече Манчевски, додавајќи дека многу наскоро по светската премиера, ќе се случи и македонската, а ќе игра и во киносалите низ земјава.

    Наталија Теодосиевска и Камка Тоциновски во сцена од „Врба“. (Фото: Продукција на „Врба“)

    Филмот по негово сценарио се снимаше лани од 25 октомври близу прилепското село Крушевица, снимаа и во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, во Преспа, а завршија во Скопје во првата половина на декември.

    „Приказната е за три мајки, три млади мајки. Едната приказна се случува во средниот век, а другите две се современи и приказните се надополнуваат, се отсликуваат, а во исто време се контраст една на друга. Љубовни приказни во кои главната тема е лојалност и односот на општеството кон поединецот и на поединецот кон општетството. Овде има среќен крај“, откри денес Манчевски.

    Главните улоги ги играат младите актери Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, покрај Камка Тоциновски. Во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.

    Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, костимите се на Жаклина Крстевска и Унгарката Ѓерѓи Сакач, асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија, а кастинг директорка е Милка Анчевска.

    Извршен продуцент е Ник Пауел од Велика Британија, легендарниот коосновач на „Вирџин рекордс“ заедно со Ричард Брансон. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

    Од освојувањето на Златниот лав во Венеција со „Пред дождот“ во 1994 и номинацијата за најдобар странски филм на Оскарите во 1995, Манчевски со своите филмови за првпат за македонската кинематографија ги отвори вратите на најголемите фестивали како Санденс, Торонто, Токио, Берлин, Сао Пауло, Локарно, Шангај, Хонг Конг, Ерусалим, Палм Спрингс и десетици други.

    Манчевски е добитник на над 40 меѓународни награди и признанија, меѓу кои и почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, ЕМ-ТИ-ВИ и други. „Њујорк тајмс“ го вброи „Пред дождот“ меѓу најдобрите илјада филмови на сите времиња. Неговите филмови се предаваат на бројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари