УБАВО СИ ПОМИНАВ ВО 17. ВЕК, ПРОДОЛЖУВАМЕ ВО СКОПЈЕ ПО ДОЖДОТ, ВЕЛИ МАНЧЕВСКИ ЗА НОВИОТ ФИЛМ „ВРБА“

    УБАВО СИ ПОМИНАВ ВО 17. ВЕК, ПРОДОЛЖУВАМЕ ВО СКОПЈЕ ПО ДОЖДОТ, ВЕЛИ МАНЧЕВСКИ ЗА НОВИОТ ФИЛМ „ВРБА“Најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски деновиве во Скопје го снима вториот дел од приказната за неговиот шести долгометражен филм „Врба“ (Фото: К. Попов)

    Актерот Петар Мирчевски лежи на улица зад трговскиот центар „Буњаковец“ во Скопје, откако бил удрен со такси возило. Мирчевски лежи со крв на челото, додека истура силен дожд, а насобраните соседи со чадори го штитат од дождот додека чекаат да дојде возило на Брза помош. Еден од нив вели: „Да му е*ам мајката, еден семафор не ставија на улицава. Само згради знаат да градат“.

    „Ние сме како Мартин Скорсезе и Роберт де Ниро. Ако не му е срам, нека не ме земе во следниот филм“; – Петар Мирчевски во сцена од вчерашното снимање во Скопје на новиот филм на Милчо Манчевски „Врба“ (Фото: К. Попов)

    Ова е дел од сцената која се снимаше вчеравечер во Скопје за „Врба“, новиот филм на најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски. Филмот по негово сценарио почна да се снима на 25 октомври близу прилепското село Крушевица, снимаа и и во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, во Преспа, а ќе завршат во Скопје во првата половина на декември.

    Мирчевски го игра ликот на Ставре Дувниветровски, и вели дека ова му е петта соработка со Манчевски, колку што има снимено филмови во Македонија – играше во „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“. Тој не игра само во неговиот шести филм „Бикини Мун“, американско-германска копродукција без учество на Македонија, кој беше снимен во Њујорк, во март годинава ја имаше македонската премиера, а овој месец и њујоршката.

    „Ние сме како Мартин Скорсезе и Роберт де Ниро. Ако не му е срам, нека не ме земе во следниот филм“, се пошегува накиснатиот Мирчевски и замина да се стопли со кебиња и чаеви.

    „Врба“ е три испреплетени приказни за љубов и доверба – едната од македонското средновековие, другите современи – се огледуваат и се во контраст една со друга. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа, велат од продукцијата.

    Манчевски кажа дека секогаш е добар момент за снимање филм ако е созреана приказната и ако се склопат коцките со другите креативци, како и со финансиите потребни за филмот.

    „Претходниот филм го работев во Њујорк, затоа што таа приказна таму требаше да се случи. Но, и затоа што тука не можев да дојдам во ситуација да работам филм, бев на црна листа. Сега само што се вратив од 17. век, многу убаво си поминав со Милан и со Донка, а сега еве продолжуваме по дождот“, рече Манчевски.

    „Приказните сами ме бираат, јас не ги бирам. Иако не постои само историски или само љубовен или само политички филм. Акое е добро делото, ако е добар романот, секогаш е за повеќе работи во исто време, и раскажува за различни работи во исто време“; – Милчо Манчевски на вчерашниот сет на улицата Владимир Полежиновски во Скопје (Фото: К. Попов)

    „Ова се фикции, приказни кои се пресликуваат, се надополнуваат и се во контраст една со друга. ‘Врба’ е приказна која долго време ја имам, а почна да се дефинира пред некои 4-5 години. Лани почна да се работи, а вгодина ќе ја видите во кино. Не на ТВ или на компјутер, туку во кино“, рече режисерот.

    Никола Ристески е еден од актерите кои завршиле со снимање на првиот дел, кој се случува во 17. век. Тој го игра ликот на Милан, а партнерка му е Сара Климоска која ја игра Донка. Ристески рече дека ова му е прв филм и дека му е голема чест да работи со голем режисер.

    Наталија Теодисиева ја глуми Родна во филмот „Врба“ (Фото: A. Ристески)

    „Голем предизвик е да се игра во во ваков филм со волку голем режисер и супер екипа. Јас ја играм улогата на Родна, лик од современиот дел, кој се случува овде и сега во Скопје. Родна потекнува од типично македонско семејство, се заљубува во еден многу искрен и срамежлив голем човек и со него планира семејство. Но потоа ќе се појават проблеми бидејќи нема да може да имаат деца“, рече актерката Наталија Теодосиева.

    Играат и Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.

    Никола Ристески, Наталија Теодосиева и Петар Мирчевски на пауза на сет (Фото: К. Попов)

    Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, костимите се на Жаклина Крстевска и Унгарката Ѓерѓи Сакач, асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија, а кастинг директорка е Милка Анчевска.

    Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент е Ник Пауел од Велика Британија, легендарниот коосновач на „Вирџин рекордс“ заедно со Ричард Брансон. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско–унгарско–белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

    Манчевски е добитник на над 40 меѓународни награди и признанија, меѓу кои и почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, ЕМ-ТИ-ВИ и други. „Њујорк тајмс“ го вброи „Пред дождот“ меѓу најдобрите илјада филмови на сите времиња. Неговите филмови се предаваат на бројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира