Македонија и вселенска технологија?
Организаторите на првата Конвенција за вселенска индустрија во Скопје сметаат дека Македонија има што да понуди на тоа поле и она што особено ги воодушевува е интересот на младите за предавањата што ќе се одржуваат во хотелот „Александар палас“ во наредните три дена.
Организатор на Конвенцијата е „ЊуМенс бизнис акцелератор“, со поддршка од американската, холандската и француската амбасада, Фонд за иновации и од домашни приватни компании.
„Вакво нешто првпат се одржува во Македонија. На отворањето зборуваше Брус Питман од НАСА и ќе има 12 теми на дискусија. Сите мислат дека Македонија нема никаква врска со оваа област, но ние имаме можности да придонесеме за нејзиниот развој. Тука зборуваме за разни индустрии, од софтвер преку земјоделство и медицина до текстилна индустрија на смарт материјали. Тоа се индустрии кои се развиени кај нас, но треба да им се отвори видикот дека имаат потенцијал и капацитет да соработуваат со НАСА и со Европската вселенска агенција“, смета Стојановска.
Конвенцијата се надоврза на Хакатонот за млади таленти „NASA Space Apps Challenge“, што се одржа седма година по ред, паралелно со 200 други низ цел свет и на кој учесниците работеа на предизвици поставени од НАСА.
„На наше огромно задоволство, годинава имаше огромна бројка апликанти средношколци. Од 140 учесници, најголем дел од нив имаа меѓу 15 и 20 години. Очигледно е дека младите во Македонија имаат слух за ваков тип настани, сакаат да создаваат иновации, креативни се и имаат вештини. Сега во публиката имаме и две 14-годишни деца, кои беа превозбудени за настанот“, вели Ангела Стојановска, координаторка на Конвенцијата.
Во рамките на Конвенцијата се одржува и изложба, на која домашни и странски фирми претставуваат свои производи и идеи, а утре ќе се отвори макета на Меѓународната вселенска станица, во која посетителите ќе можат да влезат и да добијат претстава како е внатре.
Г. КОНЕВ