Американскиот Сенат вечерва го ратификуваше Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО, со 91 глас „за“ и 2 „против“. Со тоа, САД се 25. земја што го ратификувала Протоколот.
За да стапи во сила Протоколот, потребно е да го ратификуваат парламентите на уште четири земји членки, Франција, Шпанија, Исланд и Холандија, по што следи приемот на Македонија во НАТО.
Се очекува тоа да се случи на Самитот на НАТО на 3 и 4 декември во Лондон.
Приемот може да се одложи поради изборите во Шпанија закажани за 10 ноември, поради што парламентот е распуштен и неизвесно е кога ќе се конституира новиот состав.
Пристапниот протокол беше потпишан од амбасадорите на земјите членки во НАТО на 6 февруари во Брисел.
Претседателот Стево Пендаровски се заблагодари на САД за ратификацијата на Протоколот.
„Стратешкото партнерство САД-Северна Македонија продолжува во Алијансата придонесувајќи за глобалната стабилност и безбедност“, објави Пендаровски на официјалниот профил на Фејсбук.
Американската амбасадата ѝ честиташе на земјава за „сите постигања и напорна работа да дојде до оваа точка“ и кажа дека САД очекува наскоро да ја поздрави како 30 сојузничка на НАТО.