ЕСЕНСКАТА ДЕРАТИЗАЦИЈА ВО ВЕЛЕС ГИ УПЛАШИ СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ДОМАШНИ МИЛЕНИЦИ

    ЕСЕНСКАТА ДЕРАТИЗАЦИЈА ВО ВЕЛЕС ГИ УПЛАШИ СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ДОМАШНИ МИЛЕНИЦИОд Општина Велес велат дека материјалот кој се користи за дератизацијата не претставува опасност за останатиот животински свет (Фото: СДК.МК)

    Ветеринарите демантираат дека тие предупредиле и изјавиле дека отровот за глувци расфрлан по јавните површини на Велес е опасен по кучињата и децата. Ова доаѓа откако во вторникот попладне група сопственици на домашни миленици реагираа на почетокот на процесот на дератизација, постапка на уништување на глувци и глодачи, како заштита од заразни болести.

    „Кај нас никој се нема јавено да праша за отровот за глувци кој е расфрлан по јавните површини. Така што го немаме видено и не знаеме за кој отров станува збор, ниту пак имаме дадено изјава за неговата штетност“, изјави Димче Димитриевски, директор на Ветеринарната станица во Велес.

    Тој кажа дека за настанот и реакциите дознал од социјалните мрежи и досега кај нив не била побарана помош за труење на домашен миленик. Сопствениците на домашни миленици алармираа зошто по градот бил расфрлан отров за глувци, кој бил опасен и за кучињата, но и за децата.

    „Ветеринар ни кажа дека отровот е многу опасен и дека треба да внимаваме со нашите домашни миленичиња“, кажа сопственичка на куче.

    Од локалната власт претходно соопштија дека во вторникот од раните утрински часови е започната есенската дератизација на јавни површини и објекти кои се во надлежност на Општина Велес. Таа се врши двапати во текот на годината и во наредните денови ќе се изврши на површина од 150.000 квадратни метри, односно на сите јавни површини во градот, како и на двата брега на Вардар, од Башино Село до компанијата „Агриа“ кај вливот на Бабуна.

    „Материјалот кој се користи за дератизацијата е селективен, од сертифициран производител и ја третира популацијата на глодарите и затоа не претставува опасност за останатиот животински свет“, соопштија од Општина Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира