1.500 ВРАБОТЕНИ ВО „СЕКЈУРИКОМ“ ОСТАНУВААТ БЕЗ РАБОТА

    1.500 ВРАБОТЕНИ ВО „СЕКЈУРИКОМ“ ОСТАНУВААТ БЕЗ РАБОТА1500 вработени во Секјуриком од цела Македонија, од кои 250 се преземени од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Владата, немаат плата за три месеци, а од наредниот месец остануваат без работа (Фото: СДК.МК)

    1.500 обезбедувачи и хигиеничари на Друштвото за обезбедување и услуги „Секјуриком мулти сервис интернационал ДОО Скопје“, од кои 250 се преземени од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Владата, од наредниот месец ќе останат без работа. Тендерскиот договор на „Секјуриком“ со СОЗР работи траеше до 31 август.

    До денеска трае новата тендерска постапка во која не „Секјуриком“ не аплицирала поради блокирана сметка од судот, а која фирма ќе го добие тендерот ќе се знае на 10 септември. „Секјуриком“ и СОЗР единствено се договориле со анекс да ја продолжат работата само до крајот на септември, а потоа сите 1.500 остануваат без работа.

    „Вработените редовно и мошне експедитивно си ја извршуваат работата и во овој период кога немаат земено плата за два месеци, а заклучно со септември ќе побаруваат плата за три месеци. Не знаеме која фирма ќе го добие тендерот и дали ќе ги преземе вработените кои се искусни, обучени и се со сите потребни лиценци. Единствено е кажано дека нема да продолжат со работа раководителите и дактилографките на друштвото во градовите во внатрешноста и во Скопје. Дел од нив се самохрани мајки, а дел до пензионирање им остануваат 2, 3 или 4 години“, велат вработени во „Секјуриком“.

    Доцнењето на платите на „Секјуриком“ започна од почетокот на оваа година, кога Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и соизвршителство против веќе разрешениот и притворениот директор на СОЗР Васе Доневски и против австрискиот државјанин В. Г. во својство на сопственик и управител на „Секјуриком мулти сервис интернационал“ ДОО Скопје, за незаконски јавни набавки и за противправна корист од 11 милиони евра.

    Оваа категорија вработени датира уште пред осомостојувањето на Македонија кога општинските служби за општи и заеднички работи преминаа под Владата, а потоа преземени од „Секјуриком“ која во изминатите 16 години го добиваше тендерот за одржување на општинските згради и зградите на подрачните министерства во сите градови во Македонија. Тие ги одржуваа и просториите на повеќе други институции, банки, осигурителни компании, бензиски пумпи во поголемите градови во Македонија. Како ќе биде натамошно обезбедување на објектите и каква ќе биде судбината на работниците никој не знае да каже, велат загрижените вработени во „Секјуриком“.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира