Десет години болните од рак во Југозападна Македонија чекаат да добијат зрачна терапија во Клиничката болница во Битола. Над 1.500 пациенти од регионот, принудени се да патуваат во Скопје за неколкуминутно зрачење на Клиниката за онкологија.
Директорката на Клиничката болница од Битола Елизабета Ивановска вели дека акцелераторот бил донесен многу години пред таа да дојде на оваа позиција во април годинава. Го затекнала вон функција и вели дека ги презема сите мерки за да проработи.
„Кога дојдов на раководната функција почнав да прашувам зошто зошто не работи, побарав документи. Утврдив дека за да почне со работа треба компјутер симулатор што треба да ги означува местата што треба да се зрачат кај пациентите. Таков компјутер ние немаме во моментов и тој треба да ни го набави Министерството за здравство. Јас имам поднесено барања до Министерството, бидејќи е многу скап 200.000 до 250.000 евра. Тоа се чека, а без тоа не можеме да работиме’, вели Ивановска.
Таа додава дека во склоп на болницата функционира Одделение за онкологија каде се дава хемотерапија. За радиотерапијата вели дека имаат обезбедено кадар, односно физичари кои чекаат опремата да биде ставена во функција.
Прв радиотерапија во Битола вети ексминистерот за здравство Никола Тодоров уште во 2013 кога присуствуваше на ставањето темели на бункерот во болницата каде требаше да се смести акцелераторот. Тогаш рече дека за шест месеци пациентите ќе можат да се зрачат. Три години подоцна, при повторна посета на болницата, рече дека бункерот е завршен, акцелераторот стигнат, во тек е набавака за инсталирање и негово комисионирање, процес што ќе трае од 9 до 12 месеци.
Во 2017 заедно со Никола Груевски, пред промената на власта, повторно дојдоа во болницата и услугата ја најавија за нови 9 месеци. Во 2018 и министерот Венко Филипче најави дека инсталацијата е при крај и во следните месеци акцелераторот ќе проработи. Но, до денес оваа здравствен услуга и покрај скапо набавена опрема, не е достапна за болните од рак.
- СЕ МОНТИРА АКЦЕЛЕРАТОРОТ, ЗА НЕКОЛКУ МЕСЕЦИ ЌЕ ИМА ЗРАЧНА ТЕРАПИЈА ВО БИТОЛА
- ВО НОЕМВРИ ЌЕ ПОЧНАТ СО РАБОТА АКЦЕЛЕРАТОРИТЕ ЗА ЗРАЧНА ТЕРАПИЈА ВО БИТОЛА И „8 СЕПТЕМВРИ“
Директорката на Клиниката за онкологија и радиотерапија, д-р Виолета Клисаровска на прес-конференција на 4 септември, одговарајќи на новинарско прашање зошто има големи гужви кај нив, рече дека нивната институција е единствена јавна здравствена установа во државата која го носи товарот и дека и кадровски и просторно и финансиски не можат во целост да одговорат на потребите, особено што има зголемен број пациенти заболени од канцер.
„Треба да се разгледа прашањето и тоа со министерот сме го разговарале за евентуално барем во дел каде што се оспособени кадри да имаме некаква дисперзија на пациентите, зашто навистина со огромен квантитет кој и да менаџира, квалитетот се губи“, рече Клисаровска.
Пациенти од Битола со кои разговаравме велат: „Мора да се има предвид дека здравствената состојба на дел од нас ни е многу лоша. За нас е малтретирање да патуваме до Скопје и назад на еден или два месеци“.
„Да го минуваме патот кој во двата правци е шест часа, а со градежните зафати сега и подолго трае и за здрав човек е напорно, а не пак за истошени болни. Сето тоа ни е и финансиски трошок кој секој не може да си го дозволи“, велат пациенти од Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА