Единаесетгодишниот ученик од Основното училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп паднал од вториот кат на школото, за време на големиот одмор при вчерашната попладневна смена, соопшти директорката Снежана Котева. Претходно денеска, СВР Битола соопшти дека детето паднало од третиот кат. Неофицијално беше објавено дека му се слошило на големиот одмор меѓу часовите и го отворил прозорецот за да земе воздух.
Детето по падот било пренесено во болницата во Прилеп, од каде било транспортирано на Клиниката за детска хирургија во Скопје. Тоа е во стабилна општа состојба и е вон животна опасност. Има скршени петици, отоци и повреди на пршлените.
„Веднаш по известувањето за случката во училиштето отидовме на местото и ученикот беше во контактибилна состојба, свесен временски и просторно. Во истиот момент од моја страна е повикана единица за итна медицинска помош, која интервенираше веднаш. Потоа ученикот е транспортиран со амбулантно возило до Одделението за анестезија и трауматологија во Општата болница во Прилеп во наше присуство – мое и на класниот раководител“, соопшти Котева.
За време на дополнителните испитувања и транспортот за Скопје, директорката и класниот раководител останале да ја придружуваат мајката на ученикот. Доцна околу полноќ, од дежурниот лекар на Клиниката за детска хирургија добиле информација дека ученикот е во добра општа здраствена состојба, контактибилен, со одредени повреди, но е надвор од животна опасност и во стабилна здравствена состојба.
„Сакам да истакнам дека станува збор за ученик кој е беспекорно послушен, дисциплиниран, воспитан, одмерен, дружељубив, трудољубив, редовен ученик со одличен успех и примерно поведение. Од страна на вработените во училиштето е постапено навремено и правилно. Дежурните наставници најодговорно ја извршуваат својата обврска, во однос на дежурствата и присуството во ходниците во училиштето, почитувајќи го кодексот на однесување“, вели соопшти директорката.
Ж. ЗДРАВКОВСКА