Четиринаесет лица се повредени при судир на автобус и џип на магистралниот пат Куманово-Скопје, во близина на кланицата „Црн Бик“, во Куманово.
Според извори вклучени во истрагата, сообраќајната несреќа се случила вечерва околу 18 часот, кога џип со албански регистерски таблички додека претекнувал автомобил на полна линија директно се судрил со автобус со гостиварски таблички, кој се движел од Крива Паланка кон Скопје.
Притоа биле повредени 14 лица, од кои две со потешки повреди се пренесени во Ургентниот центар во Скопје. Останатите патници поминале со полесни повреди и сместени се во Кумановската болница.
Увид извршила екипа на јавен обвинител и се работи на утврдување на причините за сообраќајката.
С. НИКОЛИЌ