16 ГОДИНИ ЧЕКАМЕ ПРАВДА ЗА СВЕТЕ И БОГЕ, ВЕЛАТ СЕМЕЈСТВАТА НА УБИЕНИТЕ КАЈ БРИОНИ

    16 ГОДИНИ ЧЕКАМЕ ПРАВДА ЗА СВЕТЕ И БОГЕ, ВЕЛАТ СЕМЕЈСТВАТА НА УБИЕНИТЕ КАЈ БРИОНИСемејствата пред разурнатиот мотел во месноста Бриони ја одбележаа 16-годишнината од загинувањето на Светослав Трпковски и Боге Илиевски, кои во конфликтот во 2001 додека беа на своето работно место како чувари во мотелот „Бриони“, беа врзани за потпорните столбови сосе динамит и кренати во воздух заедно со објектот (Фото: СДК.МК)

    На селските гробишта во Челопек и пред разурнатиот мотел во месноста Бриони се одбележа 16-годишнината од загинувањето на Светослав Трпковски и Боге Илиевски, кои во конфликтот во 2001 додека беа на своето работно место како чувари во мотелот „Бриони“, беа врзани за потпорните столбови сосе динамит и кренати во воздух заедно со објектот. И по поминати 16 години, уште јавно не се познати сторителите на ова грозоморно дело. Најблиските роднини на Боге и Свето и понатаму се надеваат дека еден ден правдата ќе победи и конечно ќе се дознаат и осудат виновниците за ова злосторство.

    „16 години чекаме на правда. Се надеваме дека со новите власти ќе се открие зошто, како и кој го изврши ова недело и ќе се покрене обвинение против виновниците. 16 години никој ништо не кажува. Очекуваме тоа сега да се смени“, рече сестрата на Светисав Трпковски, Живана.

    Местото на погибијата, мотелот „Бриони“, уште стои разурнат и целиот обраснат во трава и грмушки. Дел од жителите на село Челопек од албанска припадност не дозволуваат да се обнови мотелот и се спротиставуваат земјоделската задруга „Единство“ од Челопек да продолжи да стопанисува со него, бидејќи сметаат дека местото е нивно и бараат од државата да им го додели на нив.

    „Болката од загинувањето на Свете е неопислива, а дополнително уште повеќе ме боли што на местото до загинувањето нема споменик туку доаѓаме за одбележувањето на овие разурнати камења од мотелот“, со тага вели Живана додека поли свеќа пред бетонскиот столб каде загинал врзан нејзиниот брат.

    Илиевски и Трпковски беа убиени на 26 август, 2001, од сè уште непознати сторители кои со динамит ги врзале двајцата за потпорните столбови и ги кренале во воздух со мотелот „Бриони“ кај Челопек. Нивното загинување се случи 2 недели по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и 5 дена по разурнувањето на Лешочкиот манастир. Овој случај беше опфатен со автентичното толкување на Законот за амнестија заедно со останатите три хашки случаи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира