16 ВОЈНИЦИ И ЕДЕН ЦИВИЛ ПОВРЕДЕНИ ВО СУДИР НА АВТОБУС И КОМБИ КАЈ ШТИП

    16 ВОЈНИЦИ И ЕДЕН ЦИВИЛ ПОВРЕДЕНИ ВО СУДИР НА АВТОБУС И КОМБИ КАЈ ШТИПНеколку амбулантни возила од Штип во два наврати пренесоа 16 повредени од автобусот и повредениот сопатник од комбито. (Фото: СДК.МК)

    Утринава пред 7 часот на патот Штип-Радовиш во судир на автобус, кој се превртел странично надвор од патот во банкината, и комби, повредени се еден цивил и 16 војници кои со автобусот се превезувале за работа.

    „Во Клиничката болница во Штип донесени се еден цивил и 16 повредени припадници на Армијата. На дел од повредените им се прават рентгенски снимки и други испитувања. Досега испитаните имаат само телесни повреди и се вон животна опасност“, вели портпаролот Марина Шуманска.

    На местото каде што се случила несреќата на стариот магистрален пат Штип-Радовиш, и автобусот и комбито се движеле кон Штип. Автобусот бил сопственост на приватна транспортна компанија од Струмица која за потребите на АРМ секој работен ден превезувал припадници на армијата за на работа во Штип, Петровец и Скопје.

    „Со брат ми тргнавме од нашето село Добрејци Струмичко за Кочани. Пред Штип наеднаш слушнав силен удар од позади на комбито кое беше исфрлено напред стотина метри. Брат ми се повреди на главата и беше однесен во Штипската болница, а јас останав на местото без да чуствувам некои болки. Кога се вратив назад видов како автобусот странично се превртел покрај патот и добро е што сите патници се извлекоа“, вели 57-годишниот возач на комбито.

    Увид на местото на настанот извршил Јавен обвинител, МВР и екипа на воената полиција. Автобусот ги имал сите потребни документи за превоз на патници во случајот на припадници на Армијата на релацијата Струмица, Радовиш, за Штип, Петровец и Скопје. Како што е најавено ќе се испитува и техничката исправност и на двете возила.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира