19 ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА СТИГНАЛЕ НА КОНКУРСОТ ЗА НОВ ПАРК ВО КАРПОШ, ОД НАГРАДЕНИТЕ 4 ЌЕ СЕ ПРАВИ ПРОЕКТОТ

    19 ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА СТИГНАЛЕ НА КОНКУРСОТ ЗА НОВ ПАРК ВО КАРПОШ, ОД НАГРАДЕНИТЕ 4 ЌЕ СЕ ПРАВИ ПРОЕКТОТНа трудови со шифри ‘Скупи‘ и ‘Ширит’ доделена им е втора еднаквовредна награда, а на трудовите со шифрите ‘Пинктинк‘ и ‘Ленти’ трета еднаквовредна награда. (Фото: Град Скопје)

    Деветнаесет идејни решенија за изгледот и содржините на новиот парк во Карпош стигнаа на конкурсот ,кој го објави Град Скопје минатиот месец. Мешовитата комисија од Град Скопје и Општина Карпош издвои 4 трудови како најкреативни, но ниеден не ја доби првата награда бидејќи во целост не ги исполниле зададените критериуми и програмските барања. Поради тоа, беа доделени две еднаквовредни втори и две еднаквовредни трети награди.

    „Четирите наградени трудови се издвојуваат по одличните решенија за создавање на ново шеталиште на кејот во Карпош, градски шумски појаси во делови на паркот, цветни алеи, урбана опрема која одговара на просторниот контекст, како и отворени сцени и други програмски содржини. Согласно законските одредби, Град Скопје ќе пристапи кон изработка на основен проект за паркот во чиј процес планира да ги повика на учество и авторите на четирите наградени решенија“, велат од Град Скопје.

    На трудови со шифри ‘Скупи‘ и ‘Ширит’ доделена им е втора еднаквовредна награда, а на трудовите со шифрите ‘Пинктинк‘ и ‘Ленти’ трета еднаквовредна награда. Наградниот фонд е 10.000 евра, и како што објаснуваат од Град Скопје  ќе биде соодветно поделен помеѓу авторите на четирите решенија.

    Новиот парк ќе се протега на површина од 60.000 метри квадратни, на просторот покрај кејот на реката Вардар во Карпош кој досега беше депонија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира