Најмладиот пациент хоспитализиран во Ковид-центарот во битолската Клиничка болница има 23 години, потврдија од установата. Од таму велат дека тоа е уште еден доказ дека за време на третиот бран со коронавирус сеˋ повеќе се спушта старосната граница на заразените лица.
„Во Клиничката болница хоспитализирани се 88 пациенти со ковид-19, повеќето од нив со тешка клиничка слика, а најмладиот хоспитализиран пациент е на 23 години “, рече Билјана Гагачовска, директорка на Битолската болница.
Позитивните пациенти кои се на болничко лекување се сместени на Инфективното и на Одделението за физикална терапија.
Според здравствените статистики, овој месец од ковид-19 починале над 25 битолчани. Најмладото лице меѓу нив е битолчанка на 40 години.
Во Битола само овој месец со коронавирус се заразија 821 лице, градот е на шесто место во државата по број на активни случаи како и по број на починати од почетокот на пандемијата до денес. Ако Битола за цел месец има 821 лице кое се заразило, во Прилеп половина од оваа бројка има за една недела, поточно 404 лица од 22 до 28 март. Во Битола за цел месец има над 25 починати, а во Прилеп за една недела дури 20.
Ж. ЗДРАВКОВСКА