25 НОВИ АВТОБУСИ НА ГАС ОД ДЕНЕС СЕ ДЕЛ ОД ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ

    25 НОВИ АВТОБУСИ НА ГАС ОД ДЕНЕС СЕ ДЕЛ ОД ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕВо моментот на улиците на Скопје возат 25 еко автобуси од кои 20 се единечни и 5 зглобни, а во текот на месецот ќе пристигнат и преостанатите 8 автобуси. (Фото: Град Скопје)

    Од денеска новите автобуси на гас се пуштени во сообраќај. Во моментот на улиците на Скопје возат 25 еко автобуси од кои 20 се единечни и 5 зглобни, а во текот на месецот ќе пристигнат и преостанатите 8 автобуси што се дел од договорот што го потпиша Град Скопје за набавка на 33 нови автобуси со германскиот производител МАН.

    „Возачите коишто ги возат новите автобуси на линии 2, 5, 15 и 57, имаа стручна обука од сертифициран возач од Хрватска. Единечните автобуси се со капацитет од 85 патници, а зглобните со капацитет за 149 патници. Новите автобуси се енергетско ефикасни, во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволуваат стандардите за емисија на еуро 6. Овој тип на автобуси е прогласен за еко автобус за 2016 година во Европа, а во Германија ја поседува ознаката ‘Син ангел‘ бидејќи воопшто не го загадуваат воздухот“, велат од Град Скопје.

    Еден еко автобус годишно ќе заштедува до 25.000 евра за гориво во споредба со потрошувачката на старите дизел автобуси, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП „Скопје“, а истовремено го намалува и загадувањето на животната средина преку издувни гасови.

    „202 двокатни кинески автобуси на дизел што беа набавени пред 8 години, чинеа премногу, се со лош квалитет и секојдневно се расипуваат, а ЈСП со години има проблем со кинеските автобуси поради непостоење овластен застапник, а со тоа и сервисна и техничка поддршка. За разлика од претходните автобуси набавени од старото раководство, за да се избегнат проблемите при одржувањето, овојпат во цената на секој нов автобус од производителот МАН е вклучено и одржувањето на автобуси како промена на масло, филтри и лесно отстранливи дефекти во гарантниот период од 3 години, како и специјален наменски алат за сервис и одржување на автобуси, кој е изработен од специјални материјали“ , велат од Град Скопје.

    Набавката на новите еколошки автобуси чини 10 милиони евра, а парите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Еден зглобен автобус чини 334.500 евра, а единечен 268.900 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира