За 280.000 евра партерно ќе се уредува просторот околу новата зграда каде што ќе биде сместен Факултетот за драмски уметности и дел од државни институции, веднаш до црквата Пресвета Богородица во Скопје.
Службата за општи и заеднички работи на Владата склучи договор со ГП “Бетон“ кое со гранитни плочки треба да го поплочи просторот, да постави клупи и корпи за отпадоци и канделабри. Овој дел ќе биде продолжение на плоштадот Богородица, кој го правеше Град Скопје кога градоначалник беше Коце Трајановски и чинеше 470.000 евра.
„Зградата е завршена и веќе месецов институциите ќе почна да се вселуваат. Во договорот за нејзина изградба не било вклучено и уредување на просторот, па затоа моравме да распишеме тендер. Проценетата вредност на договорот беше околу 23 милиони денари, на електронската аукција цената се симна на 17 милиони денари“, вели Пеце Мирчевски директор на Службата за општи и заеднички работи.
За изградба на барокната зграда во која ќе бидат сместени Факултетот за драмски уметности и десетина државни институции потрошени се околу 25 милиони евра. Зградата е на седум ката плус поткровје и почна да се гради во 2012 година.
А. АНТЕВСКА