300 АКЦИЈАШИ ОД ЦЕЛА ЕКСЈУГОСЛАВИЈА СЕ ОБЕДИНИЈА ВО КАТЛАНОВО

    300 АКЦИЈАШИ ОД ЦЕЛА ЕКСЈУГОСЛАВИЈА СЕ ОБЕДИНИЈА ВО КАТЛАНОВОУчесниците на младинските работни акции одбележаа три јубилеи - 70 години од првата сојузна работна акција на ниво на Југославија која се одржала и во Маврово, 55 години од вклучувањето на сите работни бригади во расчистувањето на Скопје по земјотресот и 40 години од сојузната младинска акцијата „Братство- единство“ во Катланово кога се работеше на автопатот Скопје-Велес-Градско, сега наречен „Пријателество“ (Фото: СДК.МК)

    Единството на некогашните југословенски младински акцијаши оживеја викендов во Катланово. Околу 300 акцијаши од Триглав до Вардар се сретнаа на местото каде пред седумдесет лета го градеа автопатот од Скопје за Велес до Градско. Бригадирите, меѓу кои и ударници, три дена беа сместени во Скопје, се дружеа, евоцираа спомени, а централната манифестација се одржа вчера во Катланово каде по говорите, сите заедно заиграа на ексју хитови.

    „Емоции имаше многу, па и солзи зашто се видовме со некои акцијаши со кои не сме се сретнале по четириесетина, па и повеќе години. Одбележавме три јубилеи и тоа, 70 години од првата сојузна работа акција на ниво на Југославија, која се одржала и во Маврово, 55 години од вклучувањето на сите работни бригади во расчистувањето на Скопје по земјотресот и 40 години од сојузната младинска акцијата ‘Братство- единство‘ во Катланово кога се работеше на автопатот Скопје-Велес-Градско, сега наречен ‘Пријателство’. Се развиорија знамињата на бригадите од тоа време, се пееја југословенски хитови, а присутните со шеги за поранешната држава ги насмеа и хумористот Војче Китановски“, вели Панде Димитровски од Битола, поранешен командант на сојузната младинска работна акција „Пат на младоста ‘84“.

    Тој беше дел од поголема битолска група бригадири кои учествуваа на собирот во Катланово. Битолчани освен во републичките и локалните акции, учествувале и во шест сојузни работни акции, и тоа „Стрежево“ ’79, ’80, ’81, „Пат на Младоста“ ’82, ‘83,’84. Во овие акции ги копале каналите за вештачкото Стрежевско Езеро, додека во „Пат на младоста“ го граделе патот Прилеп-Битола-Ресен. Битола секоја година повеќе од шест бригади испраќала на сојузни работни акции како што биле Сава, Козара, Шамац-Сараево, Брчко-Бановиќи и други. За акциите учесниците велат дека требало да се има не само лопата и силни раце, туку и срце.

    Овој месец се навршија 50 години од учеството на битолската младинска работна бригата „Илинден 1903“ на работната акција „Сава 68“ на која се подигале насипи за спас на Загреб од поплавување од реката Сава. Во акцијата учествувале 120 бригадири од Битола, а бригадата трипати била прогласена за ударна. Учесниците велат дека така се градело држава, без тендери и провизии, со љубов и волонтерство.

    „Доброволното младинско ангажирање денес ни од далеку не може да го достигне она што беше. На шега можам да речам, ајде да видиме колку сме издржливи, па барем по десет младинци од сите политички гарнитури по 2 часа од 10 до 12 часот да седат на Ѓавато каде што беа бригадирите, ништо нека не работат, само да седат на сонце, да видат како е, за да ја разбиеме табу темата дека бригадирите ништо не работеле. Тие не само што работеле, туку и создавале“, рече Димитровски.

    Акцијашите за време на тридневната дружба ги посетија Матка и браната Маврово каде пред 70 години здружено работеле. Организаторите од Здружението „Акцијаши ударници“ на подарок од колеги од Србија добија книга во која се збрани многу објавени текстови за некогашните акции од 1945 па до распадот на Југославија. Во Катланово беше и градоначалникот на Гази Баба Борче Георгиевски, кој 12 пати бил бригадир и еднаш командант на акцијата „Братство и единство“ во Катланово.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира