Во дневната болница на Хируршкото одделение во Општата болница во Куманово завчера ненадејно починал В. А. (32) од Куманово откако примил терапија поради болки во стомакот. Случајот го потврдија од полицијата.
„Во 11:35 часот, во СВР Куманово од Општа болница Куманово било пријавено дека во болницата со влошена здравствена состојба бил донесен В. А. (32) од Куманово, по што му била дадена терапија и по кратко време починал. Полициски службеници од СВР Куманово извршиле увид и разговор со сите присутни медицински лица. Се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР.
Телото на починатиот е предадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.
Семејството на момчето обвинува дека нивниот син починал поради лекарска грешка, бидејќи му била дадена инфузија со лек на кој е алергичен. Директорот на Кумановската болница д-р Стефан Трајановски вели дека тоа ќе го утврди комисија, која е формирана за да испита дали се испочитувани протоколите при третманот на пациентот.
„Претходниот ден пациентот побарал лекарска помош, при што му била одредена соодветна терапија. Си заминал дома и дошол во утринските часови со истите тегоби. По повторениот преглед дадена му е соодветна терапија. Неколку секунди по аплицираната терапија тој добил градна болка, веднаш е прекината терапијата, исклучена е инфузијата, повикана е цела екипа на анестезиолошка служба и пристапено е кон реанимација, но без успех“, вели д-р Трајановски.
Тој додава дека истрагата ќе утврди дали има грешка во лекувањето. Случајот пријавен во полиција и Обвинителството.
Министерот за здравство Арбен Таравари напиша дека починал 32-годишниот Ведат Адеми и дека експертски тим од Министерството за здравство ќе ги разгледа сите факти и доколку се докаже дека има вина, ги повикува правосудните органи строго да го спроведуваат законот.
С. НИКОЛИЌ