Град Скопје подели 50.000 маски на болниците и клиниките во Скопје, кои ги доби како донација од збратимениот кинески град Нанчанг. Градоначалникот Петре Шилегов денеска 2.000 заштитни маски ѝ предаде на кооринаторката на КОВИД центарот во Градската општа болница „8 Септември“ д-р Патриција Каламарас.
„Во координација со Владата успеавме да го обезбедиме транспортот на овие маски, бидејќи токму транспортот во овие моменти е најтешката работа која треба да се заврши. Маските, во соработка со Министерството за здравство, ќе завршат во здравствените институции што се наоѓаат на територијата на нашиот град. Ова е време во кое сите мораме да се грижиме за здравјето на здравствените работници за тие да можат да им помагаат на луѓето во оваа светска пандемија“, рече Шилегов.
Градоначалникот Шилегов кажа дека Градот со засилено темпо работи на асфалтирање на улиците во Клиничкиот центар, изведба на патеки за пациенти и хортикултурно уредување. Веќе е проширен влезот на Клиничкиот при што е обезбедена посебена лента за возилата на Брзата помош.
А. АНТЕВСКА