Во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) пристигнати се над 50 индивидуални приговори потрошувачи за квалитетот на парно греење на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) во Скопје. Откако неколку дена корисниците на топловодната мрежа се жалат дека воопшто немаат парно или радијаторите им се млаки, Регулаторната комисија повика да поднесат приговори до снабдувачите. Но, граѓаните веднаш приговори поднесуваат до Регулаторната комисија и само за два дена стигнати се 50 жалби.
„Поради енергетската криза, РКЕ веднаш ги става во процедура поплаките кои се доставени до Комисијата и во прва фаза со ургенција бара од БЕГ да излезе на терен и да изврши мерење на фактичката состојба, по што бараме извештај како постапиле во однос на пријавениот проблем – рекламација од страна на потрошувачот“, велат од Регулаторна комисија.
Од таму додаваат дека во порамнителните сметки снабдувачот е должен да ја фактурира само потрошената топлинска енергија, по пропишаниот квалитет на услуга од Правилата за снабдување. Снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20+1 степен во грејните простории во времето од 6 до 22 часот во текот на денот.
Согласно Правилникот за снабдување со топлинска енергија, снабдувачите се прва инстанца каде потрошувачите треба да поднесат приговор ако не се задоволни од квалитетот на услугата, а нивни екипи мора да излезат на терен и да спроведат мерење, по што се должни се да изготват писмен извештај за фактичката состојба и да го достават до потрошувачот. Ако потрошувачот не е задоволен од одговорот, односно од писменото известување од снабдувачот за квалитетот на испорачаната топлинска енергија, потрошувачот во втора инстанца може да поднесе приговор до РКЕ. РКЕ има оформено комисија која работи на решавање на приговорите на потрошувачите.
А. АНТЕВСКА