6 МЕСЕЦИ ПРАЌАМЕ СЛИКИ ВО ГРАД СКОПЈЕ, НО НИКОЈ НЕ ГИ ЧИСТИ ДИВИТЕ ДЕПОНИИ НА ВОДНО, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИ НА ТРНОДОЛ

    6 МЕСЕЦИ ПРАЌАМЕ СЛИКИ ВО ГРАД СКОПЈЕ, НО НИКОЈ НЕ ГИ ЧИСТИ ДИВИТЕ ДЕПОНИИ НА ВОДНО, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИ НА ТРНОДОЛНа секој метар меѓу зеленилото има купишта градежен шут, мебел, санитарии, плочки, азбестни табли, гуми. (Фото: СДК.МК)

    Парк шумата Водно на потегот од Трнодол кон дивата населба Шпанско село е затрупана со диви депонии. На секој метар меѓу зеленилото има купишта градежен шут, мебел, санитарии, плочки, азбестни табли, гуми… Жителите на овој дел од градот велат дека овој проблем е стар над 15 години, и досега никој не го решил, туку планината од ден на ден се повеќе се затрупува во отпад.

    За овој проблем тие пред 6 месеци испратиле фотографии на бројот на Град Скопје за пријавување депонии, но уште не е интервенирано.

    „Градоначалникот Петре Шилегов се фали дека чистел депонии, но не е така. Неколку пати од месец април до сега се јавуваме на телефонскиот број, но дивите депонии не само што ги нема туку нивниот број е сè поголем. Затрупани со отпад се и каналите кои порано го спасувале Скопје од поплави. За овој проблем сме реагирале кај сите претходни градоначалници, но никој не ни дошол да види како планината се затрупува со ѓубре и уништува“, велат жители на населбата Трнодол.

    Од Град Скопје не одговараат конкретно зошто и покрај пријавите на граѓаните не интервенирале на оваа локација. Од таму кажаа дека  работат на системско чистење на сите диви депонии и досега се расчистени 3.000 кубни метри отпад.

    „Градот Скопје изминатиов период интензивно работи и на мапирање и чистење на дивите депонии, каде минатата есен во голема акција беа расчистени над 3.000 метри кубни смет. Во таа насока, во март годинава Градот Скопје промовира посебен телефонски број (070 270 557), на кои граѓаните можат преку Вибер да пријават диви депонии со праќање на порака и фотографии, а истите можат да ги пријават и до официјалната фејсбук страница на Градот. Досега граѓаните пријавија над 300 диви депонии, а поради зголемената потреба на последниот ребаланс на Буџетот на Град Скопје за 2018 година, беа зголемени средствата за оваа намена за дополнителни 5 милиони денари“, велат од Град Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира