70 МАЛОЛЕТНИЦИ ДЕНЕС СЕ ВАКЦИНИРААТ ВО БИТОЛА,ПО СКОПЈЕ СО НАЈМНОГУ ПРИЈАВЕНИ МЛАДИ И ВАКЦИНИРАНИ ЛИЦА

    70 МАЛОЛЕТНИЦИ ДЕНЕС СЕ ВАКЦИНИРААТ ВО БИТОЛА,ПО СКОПЈЕ СО НАЈМНОГУ ПРИЈАВЕНИ МЛАДИ И ВАКЦИНИРАНИ ЛИЦАМарио Вељанов денес беше меѓу првите малолетни битолчани кои се вакцинираа со „Фајзер“ на вакциналниот пункт во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Денес во здравствените домови низ земјава почна вакцинацијата против ковид-19 на деца од 12 до 17 години, а Битола, по Скопје е град со најголем број на пријавени малолетни лица, вкупно 123.

    До вчера, во државава беа пријавени 1.800 деца.

    Денес термини добија 70 лица на возраст од 16 и 17 години, а следните денови возрасната граница ќе се спушта надолу до 12-годишна возраст. Овие лица се вакцинираат исклучиво со вакцината на „Фајзер“. На пунктовите децата се појавуваат со родителите, носат дополнителна согласност потпишана од нив и документи за идентификација од лицeto што ќе се вакцинира и од родителот.

    Марио Вељанов денес беше меѓу првите малолетни битолчани кои се вакцинираа со „Фајзер“ на вакциналниот пункт во Битола.

    „Одлучив да се вакцинирам зашто само вака можеме да ставиме крај на пандемијата со ковид-19 и апелирам до сите млади да се вакцинираат, бидејќи ова е единствен начин како можеме да ја решиме оваа ситуација“, рече Вељанов.

    Иако бројот на пријавени малолетни е поголем од другите општини, сепак ова е бројка колку четири одделенија од една иста генерација во едно училиште. Се очекува за малолетните и натаму да има термини за имунизација.

    На вакциналниот пункт во спортската сала на Медицинското училиште, уште од утрово имаше голем број граѓани кои чекаа да добијат вакцина. Војската создаваше ред и ги читаше лицата кои имаа термини за ревакцинација и малолетни лица.

    Според информации на здравствените лица, Битола е прв град од внатрешноста по број на вакцинирани лица против коронавирусот.

    „Досега се аплицирани во Битола над 50.000 дози, Битола е на прво место на општините вакцинирани граѓани од внатрешноста. Има интерес, цело време доаѓаат лица за вакцинација. Дел со закажани термини за ревакцина и други за прва доза без термини. Дневно се вакцинираат околу 180 и 200 жители од руралните средини на терен, а дополнитело е и имунизацијата во спортската сала“, рече д-р Олгица Јакимовска, одговорно лице на смена во вакциналниот пункт Битола.

    Само во првата недела од теренската вакцинација низ руралните население места, односно од 12 до 17 јули, во Битолско се вакцинираа 945 лица. Во истиот овој период на вакциналниот пункт во спортската сала на Медицинското училиште во Битола каде се изведува масовната вакцинација, се аплицирале 4.258 дози вакцини против коронавирусот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира