Жителите на Аеродром вечерва протестираат пред Општината, откако Советот синоќа ненадејно го го усвои планот за кој советниците од опозицијата предупредуваа дека ќе предизвика еколошка катастрофа, оти предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин дом и покрај Вардар, а на местото на сегашни градби и зеленило превидува паркинзи. По усвојувањето на ДУП-от револтираните граѓани, кои со месеци се борат против донесувањето, најавија дека ќе го оспорат на Уставен суд и дека ќе протестираат секој ден во 18 часот.
Протестот вечерва е мирен, без партиски обележја. Лидерката на ДОМ, која е Лилјана Поповска е меѓу демонстрантите најави дека таа самата итно ќе иницира барање до Уставниот суд за укинување на ДУП-от.
Планот се однесува на делот покрај Вардар од Железничка станица до Мајчин дом и предвидува низа нови објекти поради кои се одзема од зеленилото, како и сервисни улици и паркинзи во служба на новите објекти. Најмногу реакции предизвикува тоа што, покрај планирани останатите висококатници, со планот на парцелата покрај Мајчин дом на 3.500 квадратни метри е предивидено да се гради 9-катница, а поради паркинг за неа ќе се сече дрворед и ќе се уништува зеленило.
Златко Марин, претседател на Општинската организација на СДСМ во Аеродром денеска изјави дека овие нови градби ќе го сопрат струењето на воздухот и директно ќе придонесат кон загадувањето на воздухот и го повика градоначлникот Ивица Конески да одговор дали има личен бизнис интерес тука.
„Овде е јасно дека станува збор за нов удар на градежната мафија во Аеродром. Го повикуваме Ивица Коневски, да одговори на следните прашања: Прво, дали е точно дека позади градбата кај Мајчин Дом стои Орце Камчев, кој неодамна преку фирмата ‘Масив констракшн’ ја купил парцелата? Јавно го прашувам Коневски, дали тој има бизнис интерес тука?“, рече Марин и побара итно повлекување на спорниот ДУП.
Парцелата кај Мајчин дом е покрај булеварот Јане Сандански, од црквичето „Св. Стефан“ кон трговскиот центар „Три бисери“. Таа била државно земјиште но е продадена и веќе десетина години е во приватна сопственост, ама без можност да се гради. Со новиот план сега е овозможено да се гради објект од 9 ката.
Според Агенцијата за катастар на недвижности, „Масив констракшн“ е сопственик на неизградено земјиште со површина од 3.538 метри квадратни. Според податоците од Катастарот, ова е парцела број 193/2, а имотниот лист број 45115 се води на Друштво за градежништво, производство, трговија и услуги „Масив констракшн ДОО СКОПЈЕ“. Ова друштво е со адреса на улица Димитрие Чуповски, 23. Единствените информации за „Масив констракшн“ на Интернет се од консолидираниот финансиски извештај на „Камчев консалтинг ДООЕЛ Скопје“ за 2014, каде ова друштво е наведено како подружница. Таму стои дека Групата „Камчев консалтинг“, покрај матичното друштво за консултантски услуги, ја сочинува и подружницата „Масив констракшн“ заедно со „Орка холдинг“, Клиничка болница „Аџибадем систина“, Фондација Камчев, „Кара“, потоа „АРХИ ДОО“, „ЕК-ОР ДООЕЛ“, придружното друштво „Графички центар ДОО СКОПЈЕ“. Сите овие компании ги поврзува името на бизнисменот Јордан Орце Камчев.
Градоначалникот Коневски во објава нa официјалната фејсбук страна на Општина Аеродром не демантираше ништо од обвинувањата за штетите што ќе ги направи новиот ДУП, но го обвини раковдството на СДСМ во Аеродром дека пласираат „манипулации и лажни вести во врска со донесување на деталните урбанистички планови“ и тврди дека „секогаш при донесување на овие планови постапките се во согласност со законот и во транспарентна процедура“.
Е. БОЧВАРОСКА