АКО НЀ ТРГНАТ, ЌЕ ДОАЃАМЕ НА ПЛОШТАД ПО 17 ЧАСОТ КОГА НЕМА ИНСПЕКЦИЈА, ВЕЛАТ ГАЗДИТЕ НА МАЛИТЕ ЕЛЕКТРИЧНИ КОЛИ ВО ТЕТОВО

    АКО НЀ ТРГНАТ, ЌЕ ДОАЃАМЕ НА ПЛОШТАД ПО 17 ЧАСОТ КОГА НЕМА ИНСПЕКЦИЈА, ВЕЛАТ ГАЗДИТЕ НА МАЛИТЕ ЕЛЕКТРИЧНИ КОЛИ ВО ТЕТОВО„Нема сила која ќе нѐ избрка од овде. Ова е лошо решение за нас. И ако нѐ присилат да одиме доле на Спортскиот центар, ние после 17 часот, кога инспекциите си заминуваат дома, пак ќе се вратиме овде на плоштадот“, вели еден од сопствениците на малите електрични автомобили што се изнајмуваат за деца на плоштадот во Тетово (Фото: СДК.МК)

    Неколку години по ред градскиот плоштад во Тетово е окупиран од стотина мали електрични автомобили. Рамната површина на полоштадот служи како автодром, на кој деца на возраст од 2 до 5 години возат мали електрични автомобили најчесто сами или под контрола на родителите. Изнајмувачите на електричните автомобили, а нив ги има 7-8, ѝ плаќаат на Општината годишен закуп за користење на просторот на плоштадот, но повеќето жители на Тетово негодуваат од  ваквата узурпација на плоштадот.

    И после неколку години ваква состојба, Општина Тетово конечно се одлучи да го реши овој проблем. Во близината на Спортскиот центар во Тетово беше отворен за употреба еден поголем поплочен простор на кој ќе бидат дислоцирани сите мали електрични автомобили од градскиот плоштад.

    Во близината на Спортскиот центар Општина Тетово отвори еден поголем поплочен простор на кој ќе бидат дислоцирани сите мали електрични автомобили од градскиот плоштад (Фото: СДК.МК)

    И додека граѓаните на Тетово ја поздравуваат изградбата на автодромот, сопствениците на мали авотмобили се крајно незадоволни од ваквото решение бидејќи сметаат оти просторот кај Спорскиот центар не е соодветен, далаку е и ќе немаат толку посетители како што беше на градскиот плоштад.

    „Нема сила која ќе нѐ избрка од овде. Ова е лошо решение за нас. И ако нѐ присилат да одиме доле на Спортскиот центар, ние после 17 часот, кога инспекциите си заминуваат дома, пак ќе се вратиме овде на плоштадот“, вели еден од сопствениците на малите електрични автомобили.

    Плоштадот, кој беше претворен како автодром, во изминативе години ја загуби својата функција на урбан простор на кој граѓаните ќе можат да се прошетаат или да седнат и да се одморат.

    „Еве, пред некој ден додека поминував низ плоштадот ме удри една од овие автомобилчиња. Ми ја скина чорапата и малку ми ја огреба ногата. Во автомобилчето беше детенце не постаро од три години. Не беше некоја голема повреда, но навистина станува опасно да се поминува низ полштадот. Видете само колку вакви возила се движат овде, не знаеш од која страна ќе налетаат и ќе те удрат“, вели една постара тетовка.

    Градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи вели дека отварањето на новиот простор е дел од акцијата Зелено Тетово за тебе.

    „На овој простор ќе бидат дислоцирани сите оние електрични автомобили од градскиот плоштад, бидејќи сметаме дека таму не им е местото. Овде привршуваат активностите околу партерното уредување, ќе се изгради паркинг простор за автомобили, поставени се клупи и канти за отпадоци, а наоколу засадивме и повеќе дрва. Со акцијата Зелено Тетово за тебе предвидуваме да го дуплираме бројот на засадените дрва во градот. Во изминативе 4 години, според нашата евиденција, имавме засадено околу 4.100 дрва, а сега сакаме тој број да го зголемиме. Со ова и со акцијата за ослободување на јавните површини треба, сакаме заедно со граѓаните да станеме свесни дека што повеќе имаме зеленило во градот со тоа ќе биде и поквалитетен животот за сите нас“, изјави Арифи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира