АКО ПРОДОЛЖАТ ДА СЕ ГРЕАТ НА ДРВА, СИТЕ КОИ ДОБИЛЕ СУБВЕНЦИИ ОД 1.000 ЕВРА ЗА ИНВЕРТЕРИ ЌЕ ТРЕБА ДА ГИ ВРАТАТ ПАРИТЕ

    АКО ПРОДОЛЖАТ ДА СЕ ГРЕАТ НА ДРВА, СИТЕ КОИ ДОБИЛЕ СУБВЕНЦИИ ОД 1.000 ЕВРА ЗА ИНВЕРТЕРИ ЌЕ ТРЕБА ДА ГИ ВРАТАТ ПАРИТЕДенеска во Општина Сарај се предаваат печките на дрва, нафта или јаглен од домаќинствата кои аплицирале за инвертери. (Фото: Град Скопје)

    Сите кои добиле субвенции од 1.000 евра за набавка на инвертер клима за затоплување на домот, ако бидат фатени дека и понатаму се греат на дрва, нафта или јаглен ќе треба да ги вратат парите. Градоначалникот Петре Шилегов, кој денека во Општина Сарај го означи почетокот на имплементацијата на проектот, кажа дека инспектори од Градот, Општините како и Државниот инспекторат ќе вршат контроли во домовите на граѓаните дали и покрај тоа што добиле субвенции користат нееколошки начин на греење.

    „Денеска во Општина Сарај започнуваме со предавањето на печките на дрва, јаглен или нафта од оние граѓани кои аплицирале за субвенции за инвертер клими. Во Сарај имаме пријавено 160 домаќинства, што значи 160 оџаци помалку оваа зима во овој дел од градот. Комисијата ќе врши инспектирање за да се види дали навистина граѓаните ги користат инвертерите или направиле измама. Ако и понатаму се греат на дрва, односно денеска дале стара печка, а имаат друга која ќе ја користат за загревање на домот, ќе треба да ги вратат парите“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

    Досега во Град Скопје се пристигнати 4.060 апликации за субвенции за инвертери. Во моментов огласот е стопиран за да, како што објасни Шилегов, се направи пресек на пристигнатите барања и за десетина дена ќе биде продолжен.

    Град Скопје доби од Владата 5,2 милиони евра за субвенционирање на домаќинставата за промена на начинот на загревање на домовите, како една од мерките во борбата против загадувањето.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира