АКО СИ ПИСМЕН НЕ СИ ХИТ, ОТКРИВА ИСТРАЖУВАЊЕ НА БИТОЛСКИ СРЕДНОШКОЛЦИ

    АКО СИ ПИСМЕН НЕ СИ ХИТ, ОТКРИВА ИСТРАЖУВАЊЕ НА БИТОЛСКИ СРЕДНОШКОЛЦИГимназијалците од „Таки Даскало“ испитаа 60 ученици од 15 и 17 години, истажувањето покажа дека 70 проценти од нив дневно користат социјални мрежи од седум до девет часа, најчесто се допишуваат на латиница со големи букви, наместо граматички знаци ставаат симболи, користат дијалекти и жаргони (Фото: СДК.МК)

    Ако на Фејсбук и другите социјални мрежи користиме литературен македонски јазик постои опасност да бидеме исмеани од врсниците, вели Божидар Николовски, средношколец од гимназијата „Таки Даскало“ во Битола. Во интернет комуникацијата популарен е уличниот сленг полн со англицизми кои често се пишуваат неправилно , па им се додава и македонски член, србизми, нестандардизирани кратенки и слично. На социјалните мрежи дури и изразот за најубавите чувства како – те сакам најмногу – преминува во акроним ТСН.

    Ова е само дел од податоците кои група средношколци од  „Таки Даскало“ ги посочија во истражувањето што го спроведоа за влијанието на социјалните мрежи врз литературното изразување кај младите. Податоците ги презентираа по повод  24 Мај, Денот на словенските просветители Св Кирил и Св. Методиј,  за да покажат колку младите го применуваат нашето јазично богатство.

    „Ќе не исмеваат ако на социјалните мрежи се изразуваме литературно. Токму тоа е причината поради која не ги користиме литературните правила“, велат средношколците (Фото: СДК.МК)

    „Ќе не исмеваат ако на социјалните мрежи се изразуваме литературно. Токму тоа е причината поради која не ги користиме литературните правила. Според мене тоа не е во ред, но таква е денешницата. Никој од нас не ги запазува литературните правила, што не е во ред и треба да се промени. Тоа е и целта што нѐ натера да го направиме ова истражување“, рече Николовски.

    Истражувањето беше спроведено под водство на професорката Николина Поповска и вклучи 60- тина ученици на возраст од 15 и 17 години. Резултатите покажаа дека 70 проценти од нив дневно користат социјални мрежи од седум до девет часа. Најчесто се допишуваат на латиница со големи букви, наместо граматички знаци ставаат симболи, користат дијалекти и жаргони.

    „На прашањето дали користите литературен македонски јазик без жаргони и дијалекти, никој не одговори дека често го користи. Ова покажува дека при комуницирањето на социјалните мрежи не се внимава на литературнорто изразување“, вели ученикот Александар Ивановски.

    Неговата соученичка Магдалена Јаневска додава дека со користењето и среќавањето на англискиот јазик преку социјалните медиуми, во вокабуларот на младите влегуваат зборови од англиско потекло и скратеници. Тие полека стануваат еден неофицијален дел од македонскиот јазик. Такви примери се твитна, шерна, адна, лајкна, снап и многу други. За попластично да ја опишат допишувањето на Фејсбук, средношколците го посочија следниот пример:

    -KE GO MANAM, SEEN MI AKNA.

    – NOPE. OH SHIT, OMG (OH MY GOSH)

    -RIP (за – умре)

    -LOL (за- прснав од смеа)

    -NAJLOSO STO MOZE DA TI NAPRAVI AKO NE JA FOLLOWNIS, DA TE UNFOLLOWNI

    -Na fb mi ja vide slikata na story

    -Чек. screenshot  мавам одма

    „Користат и македонски кратенки како НЗ – не знам, НП- нема проблем, ТС- те сакам , ЗШ- зошто, ТСН- те сакам најмногу , ШП- што правиш.  Поради кратењето на речениците се губи способноста кај младите за да се формира целосно реченица која звучи добро“, вели Јаневска.

    Ова е редок пример на ученици кои во јавноста отворено проговорија за влијанието на уличниот сленг врз писменоста и начинот на изразување. Повеќето ова го сфаќаат како тренд кој ги прави популарни на социјалните мрежи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари