Родителите на деца со пореметувања на говорот и комуникација од Куманово се жалат дека со години се соочуваат со сериозни проблеми при лекување на нивните деца, бидејќи во најголемата општина во државата нема логопед во јавното здравство. Тие посочуваат дека жителите на општините Куманово, Крива Паланка, Липково, Кратово, Старо Нагоричане и Ранковце кои имаат пречки во говорот логопедски услуги можат да добијат единствено во некоја од државните или приватни амбуланти во Скопје, но не и во здравствените установи во Куманово кои покриваат над 200.000 жители од Североисточниот Регион. Затоа, со петиција бараат од Министерството за здравство да вработи логопед во Здравствениот дом во Куманово, и со тоа да стави крај на нивната голгота.
„Секојдневно се соочуваме со големи пречки во лекувањето на нашите деца поради недостаток на логопед во образовните и здравствените институции во Општина Куманово, па сме принудени да бараме помош во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје. При тоа се соочуваме со долги листи на чекање, гужви при закажување на прегледи, замор на децата при патување, патни трошоци и уште многу други проблеми кои го отежнуваат решавањето на проблемите на нашите деца. Логопедските третмани се закажуваат два до три пати неделно, а во зависност од дијагнозата терапијата трае со години. Затоа бараме начин и можност стручно лице логопед да започне со третмани во најраниот развој на говор кај децата“, напишале и се потпишале 35 родители од Куманово кои секојдневно се соочуваат со агонија при решавње на говорните проблеми на нивните деца.
Директорот на Здравствениот дом Куманово Адријан Афузи, вели дека тие се расположени да излезат во пресрет на родителите и барањето го доставиле до Министерството за здравство. Конечниот одговор се чека од министерот Венко Филипче, а тие за почеток имаат можност сами да финансираат вработување на еден логопед.
„Ние добивме писмо од група граѓани на 10 април годинава, во кое се бара да вработиме логопед и да обезбедиме стручна помош на нивните деца во состав на нашата институција. Ние во статутот и правилникот немаме таква дејност и веднаш испративме писмо до Министерството за здравство за проширување на дејноста. Од Министерството го земале овој предлог на разгледување и ни побараа дополнително пополнување на некои формулари. Последното што го пративме е на 21 мај и сега чекаме одговор од министерот. По сѐ изгледа има расположение да се реши проблемот“, вели директорот Афузи.
Тој вели дека логопедот би се вработил во одделот за систематски прегледи на предучилишна и училишна возраст во Школскиот диспанзер, а покрај превентивните прегледи ќе работи и на пружање стручна помош за отстранување на говорните мани на децата.
Романа Орозовиќ е единствениот логопед во Куманово, кој работи со учениците со посебни потреби во основното училиште „Браќа Миладиновци“, но истовремено помага и на останатите деца во градот. Таа вели дека и покрај тоа што немала обврска да ги прима децата надвор од училиштето сите овие години им помагала, затоа што се неописиви маките на родителите во обидот да им помогнат на своите деца, а притоа немаат услови за тоа во својот град. По светските стандарди, на 8.000 жители потребен е еден логопед, па во Куманово со 120.000 жители треба да има 12 логопеди, а нема нуту еден.
„Очајна е потребата за логопеди во Куманово, заради очајната состојба на родителите. Страшно е да имате дете, кое минимум 3-4 години мора да работи со логопед за да се подигне нивото на говорна комуникација за да може да се инкорпорира во друштвото на своите врсници и училиштето. Кога детето задоцнува во говорен развој, понатаму тешко поминува без проблеми. Ако имаме развој на дисфазија детето понатаму ќе се соочи со проблеми во читањето или пишувањето, раскажувањето, следењето на настава. Не секое дете безболно го поминува тој развој. Колку порано се почне со логопедски третмани толку подобро. Кај мене доаѓаат луѓе и од надвор. Пластично опишано тоа изгледа вака, како вие да сте учителка во едно одделение и сега ви доаѓаат деца и од надвор да ги вежбате да читаат. Така изгледа сите овие години мојата работа. Работам со групи, индивидуално, се снаоѓам да им помогнам на луѓето колку е во моја можност. Меѓутоа, сѐ потешко и потешко е тоа, затоа што говорните проблеми кај луѓето и децата се зголемуваат. Затоа е неопходно да има логопеди во јавното здравство во Општина Куманово“, вели Орозовиќ.
Таа додава дека во својот 33-годишен работен стаж секогаш имала работа, но проблемите со говорот на децата во Куманово никогаш не биле на толку високо ниво и толку алармантни како сега.
„Со научно-истражувачка работа не сум се занимавала, но од искуство, она што е присутно во поседните години најзагрижувачка е појавата на деца без говор. Јас секојдневно се сретнувам со родители на деца од 3-4 години, кои апсолутно ништо не зборуваат. Поголем е бројот на децата што ништо не зборуваат отколку со говорни проблеми. Алалијата е многу присутна кај децата. Ако порано кога почнував да работам, најчесто се изучуваа говори на р, ш, ж, дислалија, па пелтечење, сме имале и тогаш деца без говор ама многу ретко и не во вака голема бројка. Сега кај мене многу ретко доаѓаат деца кои не изговараат р и ш, кај мене од сите деца што ги работам дури 80 отсто се без говор. Немаат говор, тоа е алармантната состојба, тоа е ситуацијата која не загрижува и треба под итно да се решава“, додава Орозовиќ.
Една од причините за ваквата појава, смета таа, е неконтролираната употреба на технолошките помагала, телефони, таблети, лаптопи од децата, кои немаат повратна информација како да го развиваат говорот. Вината е исклучиво кај родителите кои треба да им пејат и зборуваат на своите деца од самото раѓање, наместо да им даваат да гледаат шарени сликички и да слушаат песнички кои не ги разбираат, па наместо македонски прво да го учат англискиот јазик.
Пореметувањата на говорот и комуникацијата покрај кај децата поприсутна е и кај возрасните, особено со појавата на тешките болести: тумори на грло, гласните жици, употреба на канили, мозочни удари, поради кои способрноста на говор се губи делумно или тотално. Во ваквите случаи неопходна е стручна медицинска помош на одделението за уво, грло, нос во Општата болница Куманово, каде исто така нема логопед.
Во Агенцијата за вработување во Куманово има невработени 6 логопеди, па кумановчани се надеваат дека тие ќе бидат ангажирани заради подобрување на здравствените услуги на граѓаните во целиот регион.
С. НИКОЛИЌ