АРХИТЕКТИТЕ ЌЕ ОДЛУЧАТ ШТО ДА СЕ ГРАДИ ВО РАСАДНИК, ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА ОБЈАВИ МЕЃУНАРОДЕН КОНКУРС

    АРХИТЕКТИТЕ ЌЕ ОДЛУЧАТ ШТО ДА СЕ ГРАДИ ВО РАСАДНИК, ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА ОБЈАВИ МЕЃУНАРОДЕН КОНКУРСКонкурстот ќе трае 4 месеци, а конкурсната документација Општината ја подготви заедно со Асоцијацијата на архитекти, Архитектонскиот факултет и Комората на овластени архитекти и инженери. (Фото: СДК.МК)

    Општина Кисела Вода објави меѓународен конкурс за уредување на просторот Расадник. Конкурсната документација, односно насоките што и кои содржини треба да бидат предвидат,  Општината ја подготви заедно со Асоцијацијата на архитекти, Архитектонскиот факултет и Комората на овластени архитекти и инженери. Конкурстот ќе трае 4 месеци, однoсно до 13 ноевмри.

    Наградите ќе бидат во износ од 15.000, 8.000 и 3.000 евра за прво, второ и треторангираниот, како и за двата откупа во износ од по 2.000 евра. За решенијата ќе одлучува 9-члена жири-комисија. Како што кажа градоначалникот Орце Георгиевски, во жири-комисијата ќе има врвен меѓународен експерт од областа на архитектурата и урбанистичкото планирање, како и претставници од домашната стручна јавност, но вклучени се и граѓаните преку Партиципативното тело за урбанизам на Општина Кисела Вода, кое беше формирано како дел од целкоупниот процес.

    „Од учесниците ќе побараме квалитетно, современо архитектонско-урбанистичко решение коешто ќе ги задоволи потребите на различните групи корисници и воедно оптимално ќе го искористи капацитетот на локацијата. Се надеваме дека овој меѓународен конкурс ќе биде предизвик и можност за професионална надградба за стручњаците од оваа област, а обезбедената парична награда, како достоинствена валоризација на инженерскиот труд од страна на Општина Кисела Вода ќе биде само дополнителен поттик“, рече Георгиевски.

    Во Расадник со конкурсот ќе има згради, но не 99 висококатници кои целосно ќе го бетонизираат овој дел од градот. Како што кажа Георгиевски, треба да биде предвидена и градинка, основно училиште, верски објект, урбана парк – шума од минимум 100.000 метри квадратни, спортско-рекреативни содржини, високо образование со ботаничка градина.

    Претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мишко Ралев кажа овој конкурс е одличен начин да се одбележи  70-годинишниот јубилеј на Асоцијацијата.

    „Имаме квалитетен планско-програмски дел и доволно време за да се спроведе конкурсот. Конечно имаме и еден сериознен фонд на награди кој ќе резултира, се надеваме, со сериозен број на натпреварувачи. Ова е начин како треба да се однесуваме кон просторот и како да ги носиме решенијата. И во самиот Закон за урбанистичко планирање се препопрачува за значајни простори да се распишуваат конкурси“, кажа Ралев.

    Членови на жири-комисијата која ќе ги оценува пристигнатите решенија ќе бидат: Мишко Ралев, претседател на Асоцијацијата на архитекти, Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет, Наташа В’лчевска-Савиќ од Комората на овластени архитекти и инженери, Масимо Кроти, професор по архитектура и дизајн на Универзитетот во Торино, Драган Стојанов  претставник на жителите на Кисела Вода, Голубина Арсовска од Општина Кисела Вода, Кирил Димески, член на комисијата за урбанизам на Општината, Ирена Маренчевска-Митревска, магистер по просторно планирање и Славче Трпески, правник.

    Сегашниот Детален урбанистички план предвидува изградба на околу 100 нови згради на последното големо зеленило во Скопје, на само 2 километри од центарот на градот, со што дополнително ќе се загрозат и онака лошите и нехумани услови за живеење во овој дел од општината. Граѓаните на Кисела Вода летоска излегоа на протести против лошиот ДУП и побараа минимум 40% јавно зеленило на просторот, катни гаражи, градинки, спортски терени, детски игралишта, училишта, поликлиника, велосипедски патеки.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира