АРМИЈАТА ИСПРАТИ УШТЕ 50 ВОЈНИЦИ ВО РЕГИОНОТ НА ДЕБАР И ЖУПА КОИ ТРЕБА ДА ЈА НАДГЛЕДУВААТ ГРАНИЦАТА

    АРМИЈАТА ИСПРАТИ УШТЕ 50 ВОЈНИЦИ ВО РЕГИОНОТ НА ДЕБАР И ЖУПА КОИ ТРЕБА ДА ЈА НАДГЛЕДУВААТ ГРАНИЦАТАПолицијата ги обезбедува патните правци, а војската ќе се постави на границата во близина на црвената зона на заразата - Шеќеринска со војската во тетовската касарна (Фото: Зандон)

    Од тетовската касарна денеска замина контингентот од 50 војници во реонот на Дебар и Центар Жупа каде што е прогласена вонредна состојба и карантин за да се спречи ширењето на коронавирусот. Одлуката за испраќање на војниците е во согласност со иницијативата на Владата која ја одобри и претседателот на државата Стево Пендаровски.

    Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска изјави дека „главниот фокус на армијата во овој момент ќе биде контролата на граничната линија“.

    Полицијата обезбедува контрола на главните патни правци кон и од Дебар,  а задача на армијата ќе биде да обезбеди контрола на граничната линија.

    „Многумина во државата и надвор од неа сметаа дека не треба брзо да се влечат потези и не треба да се биде многу радикален. Ние како Влада го имавме различниот став. Сметавме дека клучот и решението во ваква криза е во брзи реакции и понекогаш брзо носевме и рестриктивни одлуки. Иако армијата не треба да биде прва институција која ќе реагира, брзо побаравме и армиски ангажман и сите ресурси ги ставаме на располагање за да помогнеме што е можно побрзо да се справиме со оваа епидемија“ изјави министерката Шеќеринска.

    На новинарско прашање како ја коментира најавата на ДУИ да ангажира 10.000 активисти од партијата кои треба да им помагаат на лицата на теренот Шеќеринска изјави дека игри со политика не се дозволени.

    “Добро е кога од сите страни добиваме иницијативи да се помогне и тоа е добро што покажува дека сите сме свесни дека ова е наша заедничка задача. Институциите како ретко кога досега покажаа дека можат на своите граѓани да им обезбедат и да им гарантираат брза, навремена и вистинска реакција. Сето друго го сметам како иницијатива да се помогне но, сето вмешување на политика во една криза број 1 во цел свет ќе биде казнето од страна на граѓаните. Сега е момент кога треба да си ги заборавиме нашите партиски книшки и да си се потсетима на нашите обврски како граѓани и особено нашите обврски како институции“ одговори министерката Шеќеринска.

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари