АРСОВСКА БАРА ДА СЕ ПОНИШТИ ОДЛУКАТА НА ШИЛЕГОВ И ДА СЕ ВРАТАТ СТАРИТЕ ИМИЊА НА УЛИЦИТЕ

    АРСОВСКА БАРА ДА СЕ ПОНИШТИ ОДЛУКАТА НА ШИЛЕГОВ И ДА СЕ ВРАТАТ СТАРИТЕ ИМИЊА НА УЛИЦИТЕАрсовска вели дека одлуката на Шилегов има одредени пропусти и затоа не може да се спроведе во целост, па бара да се поништи. (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката Данела Арсовска бара да се вратат старите и имиња на антички личности на улици во Скопје кои беа ставени во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски. Арсовска достави барање до Советот на Град Скопје да се поништи одлуката на нејзиниот претходник Петре Шилегов и новите имиња на 485 улици да не важат.

    Во образложението на Арсовска се вели дека одлуката на Шилегов има пропусти и затоа не може да се спроведе целосно.

    „За 33 имиња не е добиена согласност од Владата и поради тоа тие називи не се спроведени во надлежните институции односно одлуката е неспроведлива, при што постои колизија и истите имиња на дел од улиците за кои е добиена согласнот се веќе постоечки именувани улици со ист назив. Дополнително пропуст е направен со 12 улици за кои нејасно е определен потегот на улицата чиј назив треба да се промени. Поради тоа, предлагам одлуката да се поништи и да се пристапи кон изнаоѓање соодветни законски решенија“, се вели во образложението на Арсовска.

    На 30 март 2021 година по предлог на тогашниот градоначалник Петре Шилегов беа сменети имињата на 485 улици. Тогаш Шилегов рече дека ги враќа старите имиња, врежани во меморијата на Скопје кои беа заменети со имиња на личности од антиката. Новите имиња беа избрани на анкета па така многу значајни личности од поново време добија улици во Скопје.

    Се вратија старите имиња на Ленинова, Железничка, 4 Јули, Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 29 Ноември, Бихаќка, Владимир Комаров, Руди Чајавец, Жарко Зрењанин, Драчевска, Ратко Митровиќ и други, кои исто така беа заменети со нови имиња. Улици добија Блаже Коневски, Славко Јаневски, Горан Стефановски, Саша Николовски-Ѓумар, Нико Нестор, Гане Тодоровски, Атина Бојаџи, Кензо Танге и други.

    „Најголем дел од предлозите за нови имиња на улиците се предлози со кои ќе се именуваат краците на улиците Тодор Чангов, Ѓорѓи Капчев, Христо Татарчев, Бутелска, Скупи, Јуриј Гагарин, Козле, Алексо Демниевски и други. Речиси четвртина од предлозите за нови имиња се предлози со кои ќе се заменат имињата кои претходно биле нумерирани со број“, рекоа тогаш од кабинетот на Шилегов.

    Од пред два месеца Министерството за внатрешни работи почна да издава лични документи со новите имиња на улици. Тоа значи ако сега, како што бара Арсовска се поништи одлуката на Шилегов, граѓаните пак ќе мора да вадат нови лични документи оти тие имиња нема да постојат.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира