Градоначалничката Данела Арсовска преку фејсбук објава најави дека ќе го продолжи проектот автобуското метро откако ги отстранила пречките, но крие што е тоа што го ревидирала. Откако две години го држеше закочен проектот на нејзиниот претходник Петре Шилегов, за кој на државата ѝ беше одобрен кредит од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), сега Арсовска вели дека ќе ја продолжи реализацијата.
„По две години отстранување на пречките на проектот предизвикани од претходното градско раководство, градот Скопје конечно ќе добие нов транспортен систем. Системот за Брз автобуски превоз доби зелено светло од меѓународните партнери со што започнува неговата реализација во главниот град“, напиша Арсовска на својот фејсбук профил.
САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до Арсовска и нејзиниот кабинет да ни појаснат точно кои пречки се отстранети, односно да ни кажат што не било соодветно испланирано во решението оставено од Шилегов и што сменил нејзиниот тим. Како цел двегодишен мандат, Арсовска повторно не одговори на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Иако станува збор за капитален проект за Скопје со вредност од 70 милиони евра, Арсовска не свика ниту прес-конференција да информира за деталите, ниту досега дала одговори на јавноста за ова прашање.
- АВТОБУСКОТО МЕТРО НА ШИЛЕГОВ НЕМА ДА ГО ПРАВАМ, БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ЌЕ ИМА САМО ДАЈТЕ МИ ВРЕМЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА
-
АРСОВСКА ГО СТОПИРАШЕ ТЕНДЕРОТ ЗА АВТОБУСКО МЕТРО ВО СКОПЈЕ РАСПИШАН ОД ШИЛЕГОВ И ЕБОР
Дека почнува реализацијата на проектот пред два дена соопшти и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, велејќи дека потпишале договор за имплементација на Бас рапид транзит (БРТ) систем во Скопје. САКАМДАКАЖАМ.МК праша во Министерството каков договор е потпишан, кога во време на ексградоначаникот Шилегов беа завршени сите постапки и Европската банка за обнова и развој го објави тендерот избор на фирма која ќе ги набави автобусите, ќе го проектира и спроведе целосно новиот систем на јавен превоз. Арсовска кога дојде на функција го поништи тендерот.
Од Министерството за транспорт и врски ни рекоа дека потпишале договор за финансирањето на проектот, односно дека парите од кредитот Министерството за финансии ќе ги префрли на Министерството за транспорт и врски, а тоа потоа по изведени ситуации ќе ги исплаќа на Град Скопје. Прашавме какви измени се направени во проектот, но ни рекоа дека тоа не го знаат и да се обратиме во Град Скопје.
Извори на САКАМДАКАЖАМ.МК, кои се вклучени во овој проект од самиот почеток, велат дека нема никакви измени на проектот и дека никој ништо изминативе две години не работел на него, оти тој бил буквално стопиран од Арсовска.
Ексградоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека сега Арсовска ја продолжува постапката која беше почната во неговиот мандат, откако излегоа на виделина лажните ветувања кои ги даваше во изборната кампања.
„Од една страна е добро, а од друга страна е жално што дури сега Градот одлучи да ја продолжи имплементацијата на БРТ-то или автобуското метро како единствен одржлив начин за организиран систем на урбан транспорт на луѓе. Ова го кажувам имајќи ја во предвид материјалната состојба на Градот и на државата, затоа што БРТ е супституција за трамвај за којшто немаме пари. Очигледно е дека вистината излегува на виделина и градоначалничката мора да се соочи со сопствените лаги бесрамно кажувани во кампањата за изборите во 2021 година. Лично, се сомневам дека ова градско раководство има капацитет да го организира и имплементира процесот на БРТ, кој подразбира посветена работа и завршување на низа други постапки. Еве видете, постапката за пречистителната станица која исто се прави со европски пари не е мрдната од место две години. Исто така, заглавен е и Генералниот урбанистички план и Скопје две години нема план за развој, а најважно од сè за успешна имплементација на БРТ-то е да биде довршен ГУП-от. Заглавено е и носењето на планот за урбана мобилност на Скопје од кој, пак, произлегува имплементацијата на останатите автобуски линии кои ќе бидат во служба на автобуското метро. Ние тој процес го почнавме во 2021 година, но со доаѓањето на Арсовска и тој проект е застанат. Последната ваква анализа е направена во 1984 година“, вели ексградоначалникот Шилегов.
Проектот за БРТ или автобуско метро беше презентиран од Шилегов и експерти од ЕБОР во јули 2021 година. Предвидува изградба на две линии, една од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, а втората од Кисела Вода до Бутел. Возилата треба да се движат по посебната лента која ќе биде во средишните жардиниери, а ќе биде одвоена од лентите за сообраќај со зеленило од двете страни. Станиците ќе бидат од затворен тип, што значи наплатата ќе се врши во нив по принципот на метро станиците, а не во автобусите. Со тоа, пократко ќе биде задржувањето на патниците и ќе се овозможи поголема брзина на возилата. Автобуските кои ќе се набават ќе бидат на ЦНГ. Со новиот јавен провоз од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе се стасува за 30 минути.
Во ноември 2021, Арсовска, непосредно по нејзиниот избор за градоначалничка, изјави дека нема да го продолжи проектот за БРТ, бидејќи тоа било проект на нејзиниот претходник Петре Шилегов, а не нејзин. Нејзиното ветување беше бесплатен јавен превоз во Скопје и нови 250 автобуси.
„Јас БРТ не ветив, туку брз, навремен и бесплатен јавен превоз и нови 250 автобуси. БРТ беше проект на мојот претходник, кој не беше избран на овие избори, што значи дека граѓаните не го одбраа тој проект. Кога тој ги доби изборите пред 4 години, во кампањата не ветуваше БРТ, туку го претстави подоцна. Јас ќе се фокусирам да го реализирам она што јас го ветив во мојата програма и за што бев избрана“, рече тогаш Арсовска.
За две години мандат, Арсовска не набави ниту еден нов автобус ниту воведе бесплатен превоз. Напротив, јавниот превоз во градот е нередовен, нема доволно автобуси и возачи, па на станиците се чека по 45 минути. Скопје на 20 октомври лани, во мандат на Арсовска за првпат остана без јавен проевоз откако шоферите во ЈСП „Скопје“ престанаа да возат оти немаа добиено плата. Шест месеци не возеа ниту приватните превозници, за кои Арсовска велеше дека не му требаат на Скопје. Но, после пола година откако немаше доволно автобуси на улиците и ЈСП не можеше да ги надомести линиите кои ги држеа приватниците, а граѓаните се мачеа и малтретираат на стигнат на работа, на лекар или во школо, повторно ги врати во јавниот превоз и склучи нов договор со нив.
А. АНТЕВСКА