Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска се искара со претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славевски и го нарече „Талат Славески“, по што тој ја прекина седницата.
Караницата настана на дискусијата по точката за планот за вработување за 2023 во ЈП „Водовод и канализација“. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ од говорницата ја прашуваа Арсовска како тоа сега во планот за вработување за наредната година планира 120 вработувања, а велеше дека има превработеност и пред неколку дена отпушти 100 лица од претпријатието.
Арсовска им возврати со прашање како тоа никој од нив не прашувал и не зборел од говорницата кога нивниот сега разрешен директор Златко Перински вработил над 100 партиси кадри, кои како што кажа ги собирал од месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски и реплицираше на Арсовска велејќи дека сега ја критикува партијата, а секој ден треба да се моли пред слика од Христијан Мицкоски оти да не бил тој немало никогаш да стане градоначалничка.
„Во секоја реченица, градоначалничката употребува погрдни зборови за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо тоа треба дома да си закачи слика од него и да му се моли секој ден, затоа што да не беше тој таа немаше потписи да собере, а не да се кандидира за независен градоначалник. На мапа немаше да можат да ја најдат, да не беше Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ како поддршка“, рече Андоновски.
Потоа Арсовска од говорницата повтроно го нарече Мицкоски шпицен градоначалник и рече дека се крие.
„Немојте да лажате. Секаде каде стигнете јавно истакнувате невреди. Не сме на дебата тука, кога ќе бидеме ќе разговараме. Бега од дебата шпицниот градоначалник, се крие Христијан Мицкоски, имаше можност да се појави на пет дебати, но се крие, се плаши“, рече Арсовска, по што Славевски ја прекина со објаснување дека не смее да споменува имиња на лица кои не се присутни на седницата.
По ова, Арсовска од говорницата го нарече „господине Талат Славески“, по што тој ѝ го исклучи микрофонот велејќи дека го навредила и ѝ го одзема зборот. Арсовска му врати дека нема право да ѝ одзема збор, по што Славески ја прекина седницата и даде половина час пауза.
А. АНТЕВСКА