Град Скопје ќе формира своја Агенција за обезбедување. По предлог на градоначалничката Данела Арсовска, на следната седница на Советот на Град Скопје која ќе се одржи на 25 јули, треба да се изгласа одлуката за формирање на Друштво со ограничена одговорност на едно лице (ДООЕЛ) за обезбедување на објекти под надлежност на Град Скопје.
Агенцијата, како што се вели во образложението, се формира за сопствени потреби односно за обезбедување на имотот на Град Скопје со основачки влог од 5.000 евра.
„Трговското друштво ќе врши приватно обезбедување на средните училишта и културните институции под надлежност на Град Скопје. На овој начин со централизирано уредување ќе се постигне поголема ефикасност во обезбедување на објектите и на безбедноста на учениците и вработените. Целта за основање на Друштвото за приватно обезбедување е да се подигнат стандардите и квалитетот на вршење на работата на обезбдување на имотот на Град Скопје“, се вели во образложението на одлуката за основање на Друштвото за обезбдување.
Со години, Град Скопје за обезбдување на училиштата ангажира приватно обезбдување. Според последниот договор склучен лани во ноември, за едногодишно обезбедување на 23 средни училишта Градот плаќа 160.000 евра.
Со основањето на Агенцијата за обезбедување со оглед на тоа дека под надлежност на Град Скопје се 23 средни училишта и неколку културни установи односно околу 30 објекти, ќе треба да се вработат меѓу 60 и 100 лица.
А. АНТЕВСКА