АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ШТО ЌЕ СЕ ПРАВИ СО МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“, ЗА КОЈ ЕКСПЕРТИТЕ АЛАРМИРААТ ДЕКА НЕ СЕ НАПРАВЕНИ СИТЕ ПОТРЕБНИ ИСПИТУВАЊА

    АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ШТО ЌЕ СЕ ПРАВИ СО МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“, ЗА КОЈ ЕКСПЕРТИТЕ АЛАРМИРААТ ДЕКА НЕ СЕ НАПРАВЕНИ СИТЕ ПОТРЕБНИ ИСПИТУВАЊАГаревски минатата недела изјави дека ја предал драфт верзијата од експертизата на Град Скопје и дека таа покажува оти мостот нема сериозни оштетување и потребна е лесна санација. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката Данела Арсовска повеќе од еден месец ја нема во јавноста и не соопштува што ќе се прави со мостот „Беласица“, кој на 12 мај настрада во пожар, а беше еден од најпрометните во центарот на Скопје. Арсовска нарача експертиза за мостот од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени на професорот Михаил Гаревски и оттогаш не се појавила на прес-конференција, ниту дала информации за мостот кој трет месец е затворен за сообраќај.

    Арсовска ја нема ниту да одговори на сомнежите на експертите за мостови и мостовски конструкции кои сметаат дека не се направени сите потребни испитувања и искажаа загриженост за начинот на кој се вршеа испитувањата.

    Градоначалничката не дојде ни на седницата за советнички прашања минатата недела. Сама се слика и си пушта слики на својот фејсбук профил од посета на Сарај и менување асфалт на локални улици.

    Гаревски минатата недела изјави дека ја предал нацрт верзијата од експертизата на Град Скопје и дека таа покажува оти мостот нема сериозни оштетување и потребна е лесна санација.

    САКАМДАКАЖАМ.МК  испрати прашања до кабинетот на Арсовска во врска со мостот „Беласица“ и понатамошните постапки кои ќе ги преземе Градот. Како и на сите досегашни поставени прашања, одговор не добивме, Арсовска како и цел мандат продолжува со игнорирање на медиумите, а исто се однесуваат и вработените во нејзиниот кабинет и лицето за односи со јавност поставено од неа, Кристина Депо.

    Вчера, професорот и декан на Градежниот факултет Горан Марковски кажа дека на мостот треба да се направат детални анализи, а тоа не е сторено. Укажа дека е несериозно со снимки од дрон да се испитува дали каблите за преднапрегање се оштетени.

    „Колку пожарот е подолготраен се формираат микро пукнатини кои не се видливи со голо око, а знаеме дека пожарот траел 4 часа. Не е гаранција ниту тоа дека ако не се менува бојата бетонот е добар. Каблите за преднапрегање на висока температура омлитавуваат, се издолжуваат и силата им опаѓа. Многу е важно да се утврди дали температира од над 200 степени стигнала до каблите. Несфатливо е да се прави испитување, а да не се допре до средното поле на мостот. Тоа е недозволиво за ваква експертиза. Постојат скелиња, но и машини кои овозможуваат пристап до средното поле, да се влезе до сандаците на мостот и да се земат соодветни примероци. Зошто не е влезено не ми е познато, несериозно е да се носат заклучоци врз база на снимки“, рече Марковски во своето излагање за тоа како треба да се вршат испитувањата на мостот.

    И францускиот експерт за мостови Жулијан Ердоган минатата недела при посета на Скопје кажа дека не може да се испита состојбата на каблите за преднапрегање со снимки од дрон. Според него, за да се испита состојбата на внатрешните кабли за преднапрегање на мостови мора директно да им се пристапи и за тоа постојат специјални технологии.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира