Приватниот превозник „Макекспрес“ смета дека Град Скопје нема основ да го раскине договорот со нив и најавува жалби и тужби.
„Градот смета дека има основ за раскинување на договорот, ни сметаме дека нема. Денеска ќе имаме состаноци со сите превозници и ќе донесеме одлука како ќе постапиме. Во секој случај ќе поднесеме жалба во Градот и ќе ги искористиме сите правни лекови. Ние не возевме затоа што Градот не ни плаќа. Станува збор за пола милиони евра долг кој не е мала сума особено во време на криза“, вели Милорад Димитриевски еден од сопствениците на „Макекспрес“.
Досега од Град Скопје и ЈСП не им е кажано кога и дали воопшто ќе им се исплати долгот за тоа што го опслужуваа јавниот превоз во Скопје. Велат ако не им се исплатат парите ќе поднесат тужба.
„Макекспрес“ со години возеше на линиите 19, 20, 22, 52 и 54. Тие сообраќаа со 77 автобуси во три смени.
Од Град Скопје соопштија дека на овие линии сега ќе вози ЈСП, но не даваат одговори дали имаат капацитет односно доволно возила и возачи. Токму поради тоа што јавното претпријатие немаше можност да ги одржува сите овие линии тие беа дадени на приватни превозници.
А. АНТЕВСКА