АРСОВСКА ПАК НЕ ДОЈДЕ НА СЕДНИЦА ДА ОДГОВАРА НА СОВЕТНИЧКИ ПРАШАЊА, ПОСЛЕДНА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ИМАШЕ НА 20 МАЈ

АРСОВСКА ПАК НЕ ДОЈДЕ НА СЕДНИЦА ДА ОДГОВАРА НА СОВЕТНИЧКИ ПРАШАЊА, ПОСЛЕДНА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ИМАШЕ НА 20 МАЈПред самиот почеток на седницата до претседателот на Советот Трајко Славески стигнало известување од кабинетот на Арсовска дека градоначалничката нема да присуствува на седницата. (Фото: К. Попов)

Градоначалничката Данела Арсовска денеска пак не дојде на седницата за советнички прашања на Советот на Град Скопје. Пред самиот почеток на седницата до претседателот на Советот Трајко Славески стигнало известување од кабинетот на Арсовска дека градоначалничката нема да присуствува на седницата.

Од кабинетот на Арсовска пред малку ме информираа дека градоначалничката нема да присуствува поради наводна некоординираност на датумот на оджување на седницата. Тоа не е точно, бидејќи уште на 14 или 15 јуни беше испратено известување дека на 29 јуни се закажува седница за советнички прашања“, рече Славески.

По ова, советниците од СДСМ ја напуштија салата велејќи дека нема да присуствуваат на седница кога нема кој да им одговара.

Градоначалничката продолжува со непочитување на Советот и граѓаните. Не е првпат да не дојде на седница и да не добиваме одговори. Ниту едно советничко прашање од минатата седница не е одговорено. Арсовска вели дека работела чесно, одговорно и принципиелно, па ја прашувам колку сте чесни, одговорни и принципиелни кога нè навредувате, не се појавувате и не одговарате на советнички прашања“, рече координаторката на СДСМ Љубица Јанчева.

Координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Марија Андоновска праша каде е отидена на патување во моментов Арсовска и што е поважно од проблемите на граѓаните.

Одговори нема, поважно за Арсовска е да се шета по светот за свои лични интереси. Зошто патувањата од кои Градот нема ништо ѝ се поважни од одговори од прашањата за проблемите кои ги мачат граѓаните?“, рече Андоновска.

Од кабинетот на Арсовска не добивме одговор каде е градоначалничката и зошто не присуствува на седницата. Лицето за односи со јавност Кристина Депо, како и неколкупати досега, и сега не одговараше на нашите телефонски повици.

Арсовска цел мандат ретко доаѓа на седници кога на дневен ред се советнички прашања. Кога ќе дојде се кара со советниците и си заминува. Никаде ја нема ниту во јавноста, не одржува прес-конференции и брифинзи, ниту има настани на кои се поканети новинари. Последен настан на кој покани новинари беше прес-конференција за мостот „Беласица“ на 20 мај.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира