АРСОВСКА ПОИНТЕНЗИВНО ДА РАБОТИ НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА И ДА НИ ДАДЕ ИЗВЕШТАЈ ЗА СРАБОТЕНО, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

    АРСОВСКА ПОИНТЕНЗИВНО ДА РАБОТИ НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА И ДА НИ ДАДЕ ИЗВЕШТАЈ ЗА СРАБОТЕНО, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРАОд Владата се префрлени околу 2 милиони евра на Град Скопје за реконструкција на надворешноста. (Фото: СДК.МК)

    Универзалната сала мора да биде ставена во функција најбрзо што може  и во таа смисла недозволиво е со месеци ништо да не се презема, велат од Министерството за култура како дел од Владата која го финансира овој проект. Денеска, градоначалничката Данела Арсовска кажа дека работите се во застој оти наследила лош и небезбеден проект од претходното раководство на Град Скопје, а министерката за култура Бисера Костидиновска-Стојчевска и СДСМ ја манипулираат јавноста и ја извртуваат фактичката состојба за Универзална сала.

    Од кабинетот на министерката Костадиновска-Стојчевска ѝ одговорија на Арсовска дека Министерството за култура, како институција надлежна за културата и како дел од Владата која го финансира овој проект, очекува напредок во реализацијата на проектот.

    „Затоа, сметаме дека е неопходно да се интензивираат активностите за  реализација на сè она што е досега финансирано. Во следната фаза, очекуваме Градот Скопје да достави извештај за спроведените активности, како и информација за планираните идни активности за продолжување на реконструкцијата. Универзалната сала како музеј на културата има исклучително значење за меморијата на главниот град, но и за целата земја. Токму затоа, Владата  во изминатиот период издвои 120 милиони денари буџетски средства, а оваа одлука произлезе на широката поддршка од јавноста за идејата Универзалната сала да се сочува во постојната форма и на постојната локација“, велат од Министерството за култура не кажувајќи дали Владата ќе го финансира и уредувањето на внатрешноста на салата.

    Од Владата на Град Скопје му се префрлени околу 2 милиони евра за овој проект односно за првата фаза реконструкција на надворешноста. За втората фаза, уредување на внатрешноста на концертната сала, не само што нема проект, како што кажа Арсовска, туку не се префрлени ниту пари од државниот буџет. Арсовска денес кажа дека очекува кога ќе дојде до таа фаза да седнат на разговор со Владата и Министерството за култура и да се обезбедат пари бидејќи станува збор за капитален објект.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира