ПРОЕКТОТ ЗА УНИВЕРЗАЛНА САЛА НЕ Е БЕЗБЕДЕН, ЗАТОА ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ СЕ ВО ЗАСТОЈ, РЕЧЕ АРСОВСКА

    ПРОЕКТОТ ЗА УНИВЕРЗАЛНА САЛА НЕ Е БЕЗБЕДЕН, ЗАТОА ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ СЕ ВО ЗАСТОЈ, РЕЧЕ АРСОВСКАВо моментов се прават измени на проектот по што ќе продолжи изградбата на фасадата и куполата.(Фото: К.Попов)

    Градежните работи за реконструкција на надворешноста на Универзална сала се во застој оти проектот има грешки и не е безбеден, рече денеска градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Таа кажа дека од претходното раководство наследила проект со недостатоци, но и покрај тоа тие пред изборите ги почнале градежните работи.

    Заради обезбедување на сигурност и безбедност на граѓаните во моментов се прават измени на проектот по што ќе продолжи изградбата на фасадата и куполата.

    Има грешки кои се детектирани во проектот и поради нив наместо планираните столбови од проектираното решение детектирано е дека ќе треба да се зајакне со дополнителни два носечки столбови. Меѓутоа овие не се единстевните проблеми на проектот кој е дониран на Градот. Изведувачот се соочува со низа проблеми поради неусогласеност на проектот со постојната состојбата на објектот, како и низа неочекувани состојби со градежно-конструктивните елементи односно воопшто непостоење арматури во ѕидовите, испукани армирани-бетонски плочи на сцената, неочекувани постојни темели на места каде не биле предвидени претходно и слично. Да се направела соодветна анализа пред да се земе овој дониран проект и пред да почнат градежните работи веројатно вакви проблеми кои сериозно ја загрозуваат безбедноста на овој објект, не би биле во овој обем како сега“, кажа на денешната прес-конференција пред Универзална сала градоначалничката Данела Арсовска.

    Проектот за реконструкција на Универзална е донација на проектантското биро „Мегарон инженеринг“, а градежните работи ги изведува фирмата „Универзал Балкан“. Парите за надворешноста во висина од околу 2 милиони евра се обезбедени од Владата.

    За внатрешноста на објектот како што кажа Арсовска од претходното раководство не бил оставен проект, а не се префрлени ниту пари од Владата. Градоначалничката очекува Министерството за култура и Владата да дадат пари и за внатрешноста бидејќи Универзална сала е капитален објект.

    Ништо нема да застане. Овој проект ќе се спроведе во интерес на граѓаните онака како што доликува. Сега сме доведени во ситуација да решаваме проблеми наместо да размислуваме за тоа како да се обезбеди финансиска конструкција за внатрешноста. Апелирам до министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска како претставник на Владата, но и гласноговорниците на владејачката СДСМ во Советот на Град Скопје да престанат со изнесување на информации кои единствено служат за манипулирање и извртување на фактичката состојба и покрај тоа што самите тие се запознаени и учествувале во креирање на проблемот во реализацијата на овој проект“, рече Арсовска.

    Универзална сала е затворена 7 години откако почнаа да паѓаат парчиња од таванот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира