Градоначалничката Данела Арсовска е рекордерка во менување директори во јавните претпријатија и институции под надлежност на Град Скопје. За нецели три години градоначалнички мандат Арсовска разреши 30 директори кои самата ги постави.
Праксата на смени на челните позиции почна од ЈП „Градски паркинг“, каде во јануари 2022 само десет дена откако за в. д. директор го назначи Филип Пасху го смени и на негово место го стави Бојан Христовски од ВМРО-ДПМНЕ. Потоа во мај 2022, сам оставка си даде директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски, само 5 месеци откако стапи на функцијата. На негово место потоа Арсовска го назначи Александар Стојковски.
На почетокот на јули 2022, градоначалничката го разреши директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Зуди Енуз, по инцидентот на Плоштадот Скендербег, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвини дека вооружено лице сакало да го убие за време на протестот против францускиот предлог, а стануваше збор за Цуфи Кока, брат на директорот Енуз Кока. По ова, Алијанска за Албанците ја прекина соработката со Арсовска. За нова директорка на „Комунална хигиена“ беше назначена Косана Мазнева. Две недели потоа, Арсовска го разреши и директорот на Зоолошката градина Христијан Стаменов, бидејќи во градината уби 12 коњи и една мазга. Еден месец Арсовска бараше замена за Стаменов, по што за в. д. директор го постави Драган Илиевски.
Во септември 2022, почна официјалната кавга меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ со разрешувањето на Златко Перински од директорското место во „Водовод и канализација“. Арсовска рече дека го фатила Перински со „рацете во мед“ односно дека сакал да го мести тендерот за пречистителната станица за отпадни води, а од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека таа сака да го намести тендерот во полза на турската фирма. На местото на Перински за в. д. директор го назначи Марјанче Митовски.
Неколку дена потоа, следуваат оставките на директорските кадри на ВМРО-ДПМНЕ, односно оставки си поднесоа директорите на ЈП „Градски паркинг“ Бојан Христовски, на „Дрисла“ Јане Мицевски, на „Улици и патишта“ Борис Настов, на „Паркови и зеленило“ Ангеле Сотировски, на „Лајка“ Воислав Димитровски и на ЈСП „Турс“ Филип Василевски. Сите рекоа дека Арсовска воопшто не комуницирала со нив и не е заинтересирана за градот.
По групните оставки, Арсовска во ЈП „Лајка“ за в. д. директорка ја назначи активистката за заштита на животните Радмила Пешева, во „Градски паркинг“ Крсте Петревски од ГРОМ, а во „Дрисла“ Александар Кузинаков. Со новите смени директорски места добиваат кадри на ДУИ и тоа во „Улици и патишта“ за в. д. директор беше назначен Саид Саид и во „Паркови и зеленило“ Зухејр Реџепи.
Во јануари 2023, Арсовска повторно стави нов директор на „Водовод“, кој беше трет за една година. Го разреши Митовски, а на негово место дојде директорот на Зоолошка Драган Илиевски. И Зоолошка доби трет директор, односно Зоран Попов кој дојде во градината како дел од тимот на Илиевски. Попов сè уште е на функцијата, а во моментов е тече огласот за избор на директор на кој досега конкурирал само ексдиректорот на Зоолошката од времето на Петре Шилегов, Ѓорѓи Галетановски.
Во јануари 2023, градоначалничката го разреши и директорот на Младинскиот културен центар (МКЦ) Ванчо Богоев и на негово место го назначи Никола Алексов. Една година подоцна, Алексов беше разрешен и на оглас за директор на МКЦ беше избран Бени Шаќири.
Во април лани трет директор доби и ЈСП „Скопје“. Арсовска не му го продолжи договорот на Александар Стојковски и на негово место го назначи директорот на „Градски паркинг“ Крсте Петревски. Со неговото преминување во сообраќајното претпријатие, „Градски паркинг“ доби четврти директор, Михаил Петровски.
Во април лани, директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Зухејр Реџепи, кадар на ДУИ, поднесе оставка. Како што напиша тој на официјалниот фејсбук профил на претпријатието, оставката ја дава поради здравствени причини. На негово место беше поставен Сефи Шабани, кој дотогаш беше секретар на Општина Сарај.
Во јуни 2023, Арсовска од функцијата директор на ЈП „Улици и патишта“ го разреши директорот Саит Саит, само два месецa откако му додели менаџерски договор на 4 години. За нов в. д. директор го назначен Ќамил Ковачи од т. н. огнено крило на ДУИ од Општина Сарај.
Во октомври 2023, Арсовска од функцијата без објаснување ја разреши директорката на „Комунална хигиена“ Косана Мазнева, за која зборуваше дека е жена херој и дека се справувала со мафијашки банди. На нејзино место го постави Гоце Трајковски.
Во февруари годинава, Арсовска го разреши директорот на „Водовод“ Драган Илиевски и на негово место го постави Виктор Панчевски.
Во јуни годинава, Арсовска повторно имаше серија разрешувања . Во ЈСП „Скопје“ на местото на Крсте Петревски, кадар на ГРОМ, го постави Драги Кушовски. Ги разреши и директорите од т. н. огнено крило на ДУИ кои преминаа во Коалицијата Вреди и сега се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Во „Паркови и зеленило“ на местото на Сефи Шабани назначен е Мартин Ангеловски, а во „Улици и патишта“ на местото на Ќамил Ковачи поставен е Ванчо Умленски.
Откако градоначалничката Арсовска се скара со нејзиниот близок пријател и долгогодишен соработник Драги Митковски-Книга, изминатава недела беа разрешени пет директори кои важат за луѓе на Митковски. Најпрво беше разрешен директор на „Водовод и канализација“ Виктор Панчевски, па следеа разрешувањата на директорот „Градски паркинг” Михаил Петревски и на „Комунална хигиена“ Гоце Трајковски. Вчера беа разрешени директорите на „Паркови и зеленило“ Мартин Ангеловски и на „Дрисла“ Александар Кузинаков.
Арсовска три пати менуваше и секретар на Град Скопје. Најпрво на таа функција го стави Ѓоко Велковски, па го разреши по кавгата со ВМРО-ДПМНЕ. Потоа на негово место дојде Зоран Глигоров кого го разреши во декември лани, а на функцијата ја постави Наталија Митовска, сопственичка на продукцијата „Трипл диџит продакшн“ и сопруга на сопственикот на порталот „Инфомакс“ Александар Митовски-Мечка. Пред неколку месеци Митовска си замина од Град Скопје, а нејзиниот сопруг на подкаст на „Инфомакс“ кажа дека ја прекинале соработката со градоначалничката. Во моментов не се знае дали Градот има генерален секретар и кој е.
Арсовска стана градоначалничка на Скопје како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, а беше поддржана и од Алијанса за Албанците.
На иницијатива на градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска во просториите на Општината ќе се одржи координација со скопските градоначалници за актуелните состојби во главниот град.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека Владата на наредната седница ќе распарава за хигиената во главниот град, и рече дека сега Скопје на чело со Данела Арсовска личи на сè, само не на главен град на земја која е дел од НАТО. Затоа, рече тој, се размислува на Арсовска да ѝ се одземат дел од ингеренциите.
А. АНТЕВСКА