Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) бара од Општина Центар да го повлече и преработи Предлог-Деталниот урбанистички план за градска четврт Ц01 Мал ринг 1, за кој за утре е закажана јавна презентација и јавна анкета, што ќе се одржи во 10 часот во салата за состаноци во барака број 6.
Спомениците и фонтаните на Александар Македонски, Филип Втори и други споменици дел од проектот „Скопје 2014“ се избришани од новиот, ревидиран Детален урбанистички план Мал ринг кој од 6 јули е на јавна анкета. Со измените на планот отстранети се сплавовите во Вардар и Шпанските скали, но останат е деловниот објект во склоп на овој проект, како и споменикот на Мајка Тереза и катната гаража кај Собранието. Од Општината велат дека споменикот на Мајка Тереза има активно одобрение за градба, а за Шпанските скали и катната гаража се водат судски постапки. Избришана е маркичката за катната гаража зад зградата на „Телеком“ на Плоштад Македонија.
„Причината поради која бараме да го повлечете предлог-планот е едноставна. Во планот се планирани истите објекти кои беа спорни и во претходниот криминален план со кој беше овозможена изградба на објектите од таканаречениот проект ‘Скопје 2014’“, реагираат од Асоцијацијата.
ААМ вели дека се залагале за институционална ревизија на проектот „Скопје 2014“ и „институционално справување со насилниот чин на промена на централното градско подрачје“. Но, велат, напротив, со овој предлог-план Општина Центар дава институционална потврда и реафирмација на изградениот, но што е уште пострашно и на неизградениот дел од проектот „Скопје 2014“.
„Нашата зачуденост е уште поголема бидејќи на 17 декември 2017 донесовте одлука, која сѐ уште важи, за мораториум на градба во Општината додека сите планови кои сметате дека се лоши не се ревидираат. Новите ревидирани планови ги носите по приоритет, притоа условите за приоритетот по кој се носат плановите никогаш не ѝ беше соопштен на јавноста. Бидејќи овој план е повеќе од 90% реализиран, ААМ подразбира дека приоритет ви е изградба на Споменикот Мајка Тереза (поставен врз улица Орце Николов), т.н. Шпански скали, потврда на додадениот трем на Стоковната куќа На-Ма од архитектот Славко Брезовски и потврда на статусот на заштита на Спомен куќата на Мајка Тереза и Триумфалната порта, и со тоа конечно завршување на проектот ‘Скопје 2014’“, велат од Асоцијацијата на архитекти.
Во петокот, советничката во Општина Центар Јана Белчева-Андревска побара повлекување на планот за Мал Ринг затоа што е „ставен на јавна расправа за идната недела, сред лето, кога сите очи се вперени кон изборите и новата влада, и при здравствена криза“. Таа рече дека јавната расправа треба да се одложи за после септември, а предложениот план ги потврдува спорните објекти од проектот „Скопје 2014“ за кои граѓаните очекуваа дека со новиот план ќе бидат избришани.
„Ќе ги набројам само кусо објектите за кои се отворени постапки и дискусии, но сè уште се дел од планот. Тоа се Шпански скали, Мајка Тереза меморијалниот објект, катната гаража во зеленилото зад Собрание и Дом на АРМ, сите споменици од Скопје 2014, објектите во коритото на Вардар, па дури и онаа спорна ќебапчилница пред хотел ’Холидеј ин’. Која е причината да се брза со план за кој има толку многу отворени прашања и постапки? Ова е план за зелена престолнина со изгубено зеленило, а без решение за озеленување. План е за стимулирање и привлекување на возила кон центарот на градот нудејќи им паркинг под плоштадот (на две нивоа), зад АРМ, зад Министерството за правда, зад Палома бјанка… со што ќе трпи протокот на јавниот превоз во и кон Центарот. Може ли ова да е решение за загадувањето кое го трпиме во центарот?“, објави Белчева-Андреевска во својата реакција.
Б. НЕСТОРОСКА