АВАНТУРИСТИЧКИОТ ТУРИЗАМ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ЗАЕДНИЧКИ ЌЕ СЕ ПРОМОВИРА НА СВЕТСКИОТ ПАЗАР ПРЕКУ ПРОЕКТОТ НА УСАИД И ГИЗ

    АВАНТУРИСТИЧКИОТ ТУРИЗАМ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ЗАЕДНИЧКИ ЌЕ СЕ ПРОМОВИРА НА СВЕТСКИОТ ПАЗАР ПРЕКУ ПРОЕКТОТ НА УСАИД И ГИЗПроектот предвидува 25 водечки туроператори од 6 држави на Западниот Балкан да се вмрежат и од регионот да создадат меѓународно препознатлива и одржлива дестинација за авантуристички туризам.(Фото: СДК.МК)

    Формирање на Здружение на Западен Балкан за авантуристички туризам, кое ќе ги обедини туроператорите и давателите на услуги за промоција на регионот во целина пред меѓународните туроператори и туристи е целта на собирот кој се одржува во Охрид во рамките на проектот на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и Германската техничка соработка (ГИЗ).

    На тридневниот регионален настан насловен како „Авантуристичкиот туризам на Западен Балкан – Повторно поврзување во Охрид” туроператорите потенцираа дека заедничката промоција на Балканот на светските туристички пазари ќе го подобри квалитетот и ќе создаде регионални туристички производи, но и хармонизација на стандардите во целиот регион.

    Според нив Западниот Балкан има богата авантуристичка понуда која е далеку поуникатна отколку во останатите европски земји. Цивилизациите кои се испреплетувале на овие простори, како што беше кажано, придонеле да имаме богата историја, култура и традиција што во комбинација со природните убавини се нашите главни адути.

    Проектот предвидува 25 водечки туроператори од 6 држави на Западниот Балкан да се вмрежат и од регионот да создадат меѓународно препознатлива и одржлива дестинација за авантуристички туризам.

    „Амбасадата на САД е горда што ги поддржува иницијативите како оваа, кои ги обединуваат институциите, приватниот сектор и заедниците низ целиот регион за да изградат посилни врски и да помогнат за засилен локален и регионален економски развој. Ова создава партнерства и поттикнува поголема соработка помеѓу земјите во регионот, што доведува до нови можности за бизнис и вработување. Денешниот настан претставува можност за промовирање на регионот во целина за меѓународно препознавање и привлекување инвестиции, што ќе овозможи развој на нови начини за зголемување на приходите. Исто така, сето ова нуди можност за развивање на регионални авантуристички туристички производи и прекугранични тури,” изјави Ерик Мејер, вршителот на должност Амбасадор на САД.

    Раководителот на одделот за култура и медиуми во Германската амбасада во Скопје, Флориан Трегер-Штајнтјес потенцира дека оваа година се одбележуваат 30 години од германско-македонска соработка а повеќе од една деценија Германија преку ГИЗ вложува напори за подобрување, стандардизирање и промовирање на планинскиот и авантуристичкиот туризам во државава и регионот.

    „Ме радува што овој настан претставува продолжување на овие напори и ќе придонесе кон целта, регионот да биде дел од светската мапа на атрактивни дестинации за одржлив туризам”, рече Трегер-Штајнтјес.

    Проектот на УСАИД за економски развој, управување и раст на претпријатијата  е регионален проект кој се спроведува во 12 земји во Европа и Евроазија како и во шесте земји од Западен Балкан. Преку проектот, УСАИД спроведува низа иницијативи и поттикнува раст на избрани синџири на вредности, вклучувајќи еко, авантуристички и рурален туризам.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира